Британските критичари го „сосекоа” филмот посветен на принцезата Дијана,само неколку часови по неговата светска премиера во Лондон. Дијана, која на 31 август 1997 година загина во Париз,во сообраќајна несреќа, заедно со својот тогашен партнер, египетскиот плејбој Доди ал Фаед, во филмот ја игра Наоми Вотс.
Таа пред премиерата се бранеше од критиките зашто воопшто прифатила да игра во овој, како го нарекуваат лондонските медиуми „контроверзен филм” во кој се опишува љубовта на „народната принцеза” со пакистанскиот лекар Наснат Кан.
„Гардијан” во насловот на критиката пишува „Кутрата принцеза Дијана” а неговиот филмски критичар вели дека по страшната смрт во несреќата во Париз пред 16 години, Дијана доживеа уште една страшна смрт со овој филм.
Остри критики има и во „Тајмс”, додека „Дејли телеграф” прашува која воопшто била намерата со овој филм.
Сите три водечки весници даваат само по една ѕвездичка за филмот.
Филмот е работен според книгата „Дијана-нејзината последна љубов” на писателката Кети Снел. Книгата се појави уште во 2001 година и во неа се сугерира дека Дијана почнала да се среќава со Доди ал Фаед само за да го направи љубоморен Пакистанецот Кан, кој пред тоа ја оставил сметајќи дека е неостварливо од повеќе причини тој и Дијана да живеат заедно.
Според авторката Снел, принцезата Дијана сакала да се омажи со пакистанскиот лекар и да има со него деца, но повеќемина нејзини блиски пријатели го отфрлија како неточно она што го сугерира писателката.
Наоми Вотс е единствената ѕвезда во филмот, во кој како нејзин партнер (лекарот Кан), се појавува британско-индискиот глумец Навен Ендрјус, кој е познат само како партнер на Жилијет Бинош во филмот „Британскиот пациент”.
Дијана формално се разведе од престолонасленикот, принцот Чарлс во 1996 година, по 15 години брак, од кои последните тие живееја разделени. Во бракот тие има два сина, принцовите Вилијам и Хари.
Американската глумица Вотс ги отфрли обвинувањата на Британците дека филмот ги повредува чувствата на синовите на Дијана. Кралското семејство целосно го бојкотира филмот на поранешната снаа на кралицата Елизабета.