Во Леринско и во Воденско често се зборува на Македонски јазик иако златна зора го врати стравот.
Во Леринско и во Воденско сретнав многу жители што зборуваа на македонски јазик. Ова со чист македонски говор ни го рече Гиом Жавуре, географ, истражувач и директор на Француската алијанса во Битола. Додека го слушавме како зборува, помисливме дека е Македонец, а не Французин од Марсеј. Совршено го владее нашиот јазик како да му е мајчин.
Освен на јазикот, добар познавач е и на состојбите во пограничните области на Македонија со соседите Бугарија и Грција. Нема семејни корени од овој регион, тука го донесла науката. Предавал на Факултетот за социјална географија во Марсеј и работел и научни трудови за меѓуграничните односи на балканските држави по падот на комунизмот и процесот на евроинтеграција. Веќе неколку години подготвува докторска теза за меѓуграничните односи на Македонија и соседите.
Спорот за името не го нарушува секојдневието
– Во интерес на истражувањето, ги поминав сите села во Леринско и во Воденско. Прво знаев дека во Грција има луѓе што зборуваат македонски. Јас не кажувам што се по националност, зашто за мене националноста е чувство. Некои се чувствуваат како Македонци, некои јазикот го знаат, но не се чувствуваат како Македонци. Во леринскиот и во воденскиот дел секогаш се наоѓа некој што зборува македонски – вели Жавуре.
Во Македонија слушнал дека во минатото многу била лоша ситуацијата со употребата на македонскиот јазик во Грција. Но, проаѓајќи низ селата и градовите, забележал дека жителите денес не се плашат да зборуваат македонски.
– Изгледа од почетокот на 2000 година многу е поопуштена ситуацијата таму. Луѓето послободно зборуваат македонски отколку претходно. Немаат толку страв и притисоци. Со појавата на Златна зора се враќа стравот. Но, не е страшно колку порано. Има многу панаѓури што се на македонски – додава тој.
Kако теренски истражувач забележал дека спорот за името не ги нарушува секојдневната соработка и контактите меѓу жителите во пограничните региони на Македонија и Грција. Тие што сакаат да соработуваат, вели тој, секогаш наоѓаат решенија. Посочува дека постојат практични примери кога на договори меѓу правни субјекти се поставувале знамињата на државите наместо имињата.
Поевтини студии во Бугарија за политичка полза
Неговата научна истражувачка работа во 2008 година на Балканот не почнала во Битола или во Лерин, туку во Софија. По примерот на колешка од Франција, која ги истражувала односите меѓу Романија и Молдавија, одлучил да отпатува во Бугарија како поранешна комунистичка земја што во 2007 година влегла во ЕУ, за да испита како тоа влијаело врз односите со соседните земји. Забележал дека визите што ги вовела кон Македонија и растот на цените го намалиле бројот на Македонците што патувале во Бугарија по трговија и други потреби.
Истражувањето го објави во својата магистерска теза „Меѓуграничните односи на Бугарија и Македонија”, која ја одбрани на Универзитетот во Марсеј.
Жанета Здравковска
Битола е трипати помала од Ниш, но има ист број ученици
Откако Жавуре е директор на Француската алијансата во Битола, расте бројот на учениците по француски јазик. Алијансата е меѓународна мрежа распространета низ 146 држави со цел промоција на францускиот јазик и култура. Предавањата се на многу квалитетно ниво, а учениците можат потоа да полагаат меѓународен ДЕЛФ-испит, кој е на ниво на Тоефл во англискиот јазик.
– Алијансата постои 14 години. Оттогаш постојано имаме над сто ученици. Тоа е многу добро за еден град како Битола. За споредба, во Ниш во францускиот институт има 130 ученици. Тоа поголем град, со речиси 300.000 жители, трипати поголем од Битола, а има ист број ученици. Сега имаме 130 и во Битола – додава Жавуре.
И пријателите и сопругата ми зборуваа само на Македонски
Јазикот го совладал за четири години сам, без приватни часови и наставници.
– Имав среќа што сите пријатели што ги запознав во Битола, па и таа што ми е сега сопруга, иако е полу-Французинка, но од Битола, зборуваа само на македонски. Навистина беше тешко пет-шест саати да седиш со луѓе што зборуваат непознат јазик. Но, ако ми зборуваа англиски, уште не ќе знаев македонски – додава нашиот соговорник.