Хаг да пресече за Асанж

asanz

Еквадор соопшти дека е можно да побара помош од Меѓународниот суд на правдата за да се разреши ќорсокакот во кој западна со Велика Британија околу случајот на основачот на „Викиликс”, Џулијан Асанж, кој од средината на 2012 година се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон.

 

„Помина повеќе од една година откако господинот Асанж е во нашето дипломатско претставништво. Најсериозно размислуваме што да направиме во следните неколку месеци”, изјави шефот на еквадорската дипломатија, Рикардо Патино, во интервју за телевизијата Гама.

Патино прецизираше дека една од можностите е Кито да се обрати до Меѓународниот суд за правда во Хаг, бидејќи, како што рече, се чини дека се исцрпени сите дипломатски средства.

Асанж, кој стравува дека може да биде уапсен од американските власти поради обелоденувањето на мноштвото доверливи воени и дипломатски документи, на 17 јули 2012 година побегна во еквадорската амбасада во Лондон со цел да го избегне екстрадирањето во Шведска.

Шведските власти побараа негова екстрадиција поради истрагата околу обвинувањата дека сексуално вознемирувал две жени.

Кито на 16 август му даде азил на Асанж, но Британците одбиваат да му гарантираат безбеден излез од земјата.

Останати вести