Доколку Груевски избереше тврдоглаво да оди на избори во октомври, ќе се случеше дебакл на надворешната политика (Македонија со гаранција ќе доживееше повлекување на препораката за европреговори) а дома ќе имаше бојкот на изборите од страна на опозицијата.
Со оглед на тоа што ДУИ категорично одбива нови избори Груевски, за да го распушти Собранието, ќе требаше да ја растури коалицијата со Али Ахмети и пак да “се фати” со Мендух Тачи (за да се соберат 63 гласови “за” на оние 56 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ќе им требаат 8-те на ДПА и 2 на НДП). Но, тоа би значело дека по изборите ДУИ, која веројатно пак ќе биде победник кај Албанците, можеби ќе направи коалиција со СДСМ!? Јасно, доколку тие меѓу себе постигнат таков договор и СДСМ сепак наместо бојкот се реши да излезе на изборите.
Со ваквите калкулации земјата ќе пропаднеше во амбисот на неизвесна политичка криза.
Во сегашнава ситуација предвремените избори и натаму се опција, само некој месец подоцна. Се додека Груевски е сигурен дека ќе биде победник, тој ќе се заканува со предвремени избори.