На изборите во Aвстралија се тркаат 17 грци, и една македонка

„Се кандидирав затоа што ние како Македонци во Австралија досега сме немале ниту еден претставник во Австралискиот федерален парламент. Секс партијата е прогресивен глас во Австралија кој се залага за правата на човекот, за граѓанска слобода и еднаквост на сите луѓе во австралиското општество”, вели Спировска.

 

Федералните избори во Австралија, што треба да се одржат на 7 септември, според анкетите, веројатно, ќе значат промена на власта, но, според македонската заедница, дефинитивно нема да донесат промена на ставот на властите кон македонското прашање. Од тамошниот разгранок на Обединета македонска дијаспора сметаат дека евентуалната победа на Либералната партија, предводена од Тони Абот, може само да значи за нијанса поголема наклонетост и поддршка во однос на позициите на Австралија во однос на прашањето за името. Во предизборието организациите на македонската дијаспора еднакво лобираат и кај двете партии и во редовите на актуелната власт, чии носители се лабуристите на чело со Kевин Рад, како и меѓу шесточлената опозициска коалиција.

Не очекуваат премногу

Сепак, за тоа дека нема придвижување во  битката со моќното грчко лоби доволно говори податокот дека грчката заедница на изборите ќе настапи со 17 кандидати, а македонската со еден кандидат. Kако што објавува изданието на грчката дијаспора „Грик репортер”, тројца од постојните пратеници се очекува да бидат реизбрани, како и двајца сенатори, но голема е веројатноста дека во пратенички фотелји ќе седнат и неколкумина други. Речиси е сигурно дека повторно ќе бидат избрани Марија Вамвакину и Стив Георганас од лабуристичката партија. Потоа во игра е и Софи Мирабела Панопулос за која се прогнозира оти ќе добие министерско место ако победи коалицијата предводена од опозицискиот лидер Абот.

Пријатели на Македонија и на македонската заедница, како што ни објаснуваат, има во редовите на власта, но и кај опозицијата.

– Направивме контакти и со актуелниот министер за надворешни работи, Боб Kар, како и со неговиот противкандидат за министер, и од обајцата побаравме Австралија да престане со политичките игри и да не’ признае под уставно име. Веќе е познато и нашето барање да се отвори австралиска амбасада во Македонија. Не очекуваме премногу оти непризнавањето од страна на Австралија е политичко прашање – вели првиот човек на разгранокот на ОМД за Австралија, Ордан Андреевски.

Пратеникот за Австралија, Мики Додевски,   потенцирајќи оти да се навива само за едни или само за други е само враќање назад.

– Kако заедница ние работиме да направиме што е можно повеќе пријатели на нашата кауза, главното нешто е признавање на РМ под уставното име. Погрешна е стратегијата ако одиме само со една или со друга партија оти ние мора да направиме еднакво пријателство и меѓу лабуристите и меѓу либералите – објаснува Додевски. И тој како и Андреевски е свесен за моќта на грчкото лоби. Свесни се оти Грците имаат пратеници, членови и во двете партии, како и сенатори, но и свои комитети. Грчката дијаспора длабоко е навлезена во политичкиот и во бизнис-системот на Австралија. Нашите соговорници велат дека австралиските политичари прават пресметка дека многу повеќе гласови може да добијат од Грците отколку од Македонците.

НА АНКЕТИТЕ ВОДАТ ЛИБЕРАЛИТЕ

Во меѓувреме, последните австралиски агенции, истражувачи на јавното мислење, покажуваат постојано опаѓање на поддршката за Лабуристичката партија. Според параметрите што ги објави Нилсен, опозициската коалиција води со шест поени, односно 53 спрема 47 отсто за лабуристите. Ако овие бројки се распоредат рамномерно во целата земја на денот на изборите, според прогнозите, актуелната власт ќе изгуби 10 места. Пресметаните рејтинзи на „Њуспул”, пак, покажуваат дека рејтингот на актуелниот премиер Kевин Рад е за 10 проценти понизок од лидерот на опозицијата Тони Абот.

Останати вести