Потпишан конечниот извештај на комисијата за 24 декември, датумот за новите избори одложен

Во понеделникот точно на пладне успешно заврши со работа ад-хок комисијата која ги разгледуваше настаните во Собранието на РМ од ланскиот 24 декември. Во Клубот на пратеници записникот го потпишаа сите членови на комисијата, заедно со претседателот во оставка Борче Давитковски. Во име на СДСМ се потпишаа Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска а во име на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ. Тука беше и европскиот набљудувач Ванхаузен.

 

За време на викендот се случи целосен пресврт во врска со исходот на оваа комисија. Имено, таа се најде во нерешлива ситуција  најмалку по две точки од заклучокот (кој е советодавен и нема никакво правно дејство, освен што е бенчмарк за извештајот на Европската комисија), при што претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ имаа непомирливи ставови. Во петокот измина крајниот рок и не беше постигната согласност за заклучоците, по што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, понуди предвремени избори за 13 октомври. Намерата му беше да се покаже кој е повеќе во право, со очекување на тие избори повторно да победи актуелната гарнитура.

Но, само после една (не)проспиена ноќ Груевски се пишмани – целосно го спушти борбениот гард и по малку резигнирано објави дека претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ќе потпишат заклучоци “какви што сака СДСМ”. Во дадените констелации на домашната и меѓународната политичка сцена Груевски го избра најумниот потег. Оваа мала отстапка ќе му овозможи малку да го пополни дефицитот на демократски капацитет за кој го обвинуваат како опозицијата во земјата така и Брисел и Вашингтон.

И да се одложат приказните за нови избори барем до обелоденувањето на извештајот на ЕК на 16 октомври. Во зависност од неговата содржина ќе се развиваат натамошните планови на политичките партии во земјата.

Останати вести