Како изгледа животот со ХИВ: Ми ја пренесе болеста и ми рече „Ќе ме памeтиш до крајот на животот“

Еби Ленди (26) од Сиднеј има ХИВ вирус, но таа се одлучи отворено да проговори за тоа во документарниот филм „Transmission”.

Во светот повеќе од 35 милиони луѓе го носат овој вирус. Младата Еби е токму една од нив и таа се бори за тоа луѓето со ХИВ да можат да живеат нормални животи.

Еби добила ХИВ вирус од момче со кое била во кратка романса, а откако тој започнал чудно да се однесува во креветот, и да покажува агресија, таа се одлучила да ја прекине врската. Таа воопшто не наслутувала дека е веќе заразена со смртоносниот вирус.
– Наскоро почнав да добивам херпеси. Никогаш претходно не сум имала искуство со нив. Едноставно знаев дека нешто не е во ред, а мојата состојба стануваше се полоша. На интернет видов дека тоа може да биде еден од симптомите кои укажуваат дека ХИВ вирусот се развива во мојот организам. Меѓутоа, тоа момче беше упорно и за цело време ме повикуваше на средби. Но, кога во еден момент му кажав дека повеќе не сакам да го видам, тој ми испрати порака во која напиша „Се надевам дека барем ќе ме помниш засекогаш!”, се присетува Еби.

Еби веднаш го посетила својот гинеколог, а тестовите утврдиле дека таа навистина има ХИВ вирус. Меѓутоа, Еби пораснала верувајќи дека сидата е нешто како смртна казна и не знаела дека тоа е всушност вирус со кој доколку се сака, може да се живее релативно нормално.

– Посетив специјалист за кого имав безброј прашања. Ме интересираше кога ќе умрам, и што значи да се има оваа болест. Немав поим што значи да се има ХИВ. Тој ми објасни дека тоа е всушност хронична болест, со која човекот може да се бори. Ми рече дека ќе пијам по неколку таблети секој ден и дека ќе имам речиси нормален живот – раскажува таа.

Набрзо, Еби се преселила кај својата мајка и се обидела да исконтактира со момчето кое и го пренело вирусот. Меѓутоа, тој бил сосема нељубезен и тврдел дека тоа не е негова вина, ниту дека има сида. Продолжил да ја порекнува, па Еби ги замолила сите жени кои можеби биле во врска со него да и се јават, бидејќи единствено така можела легално да се бори против него.
– Мислам дека не станав жртва поради својот статус. Луѓето имаат свои мислења, и тоа е сосема во ред, но јас не бев дискриминирана. Немам никакви хорор приказни – објаснува оваа девојка.

Таа вели дека била во врски и откако е заразена но дека секогаш им кажувала на момците за својата здравствена состојба пред да стапи во врска. Меѓутоа, таа потенцира дека со модерните лекови е многу полесно да се држи оваа болест под контрола, и дека ХИВ-от многу потешко се пренесува од жена на маж, отколку обратно.

– Вирусот веќе не влијае на мене и мојот секојдневен живот. Моето здравје е исто како и секогаш. Земам две таблети дневно и тоа е единственото влијание кое го има на мене физички. Тоа дефинитивно не е нешто кое го очекувате кога ќе слушнете дека некој има ХИВ. Овој вирус има минимално влијание врз животот, освен ако вие не одлучите да има поголемо влијание, заклучува таа.

За нејзините родители и семејството било огромен шок кога дознале од што боледува Еби. И тие верувале дека сидата значи сигурна смртна пресуда. Меѓутоа, кога сите заедно како семејство научиле многу нешта за ХИВ-от, сфатиле дека Еби сепак може да продолжи со својот нормален живот.

Подготви: K. A.

Останати вести