ВТОРА ЛИГА НА ВИКТОРИЈА, 20.КОЛО
Кило Парк – Престон Македонија 4-2(3-2)
Поразот се очекуваше против екипата на Кило Парк, кој е еден од кандидатите за влегување во Првата лига на Викторија.
Одбраната на Престон Македонија како и на минатите средби му кумуваше на поразот со екипата на Кило Парк, која многу лесно постигна четири гола, од кои еден беше од пенал а другите по грешка на одбраната. Оваа недела Тони Стеријовски ја презеде екипата од тренерот Јосип Бишкиќ, кој замина на заслужен одмор но повторно ќе се врати наредната сезона во 2014 година. Многу навивачи на Престон Македонија не се задоволни од резултатите, големи се желбите да се направи чекор повеќе и да се врати екипата во Првата лига на Викторија.Но прашање е дали со сегашниот фонд на фудбалери што го има тренерот Бишкиќ тоа е изводливо, повеќето од нив кондиционо не можат да се носат во Втората лига, а да не зборуваме за напорот што е потребен за Првата лига на Викторија. Но надеж влева изјавата на претседателот на Престон Македонија, Зоран Трајчески, дека во новата натпреварувачка година ќе се донесат засилувања и нови фудбалери со желба за квалификување во Првата лига на Викторија.
Само што започна натпреварот почнаа да се тресат и мрежите на двете страни. Домаќините дојдоа до водство во 13 минута, кога одбраната му овозможи лесен погодок на Кило Парк за 1-0. Само четири минути потоа, во 17 минута Долевски изедначи на 1-1, а две минути потоа пак водство од 2-1 за домашната екипа по грешка на одбраната. Во 24 минута уште една грешка, кога одбраната овозможи лесен продор пред голот и 3-1. Светол момент беше кога Најдовски во 44 минута постигна ретко убав гол пред самиот крај на првото полувреме за 3-2. Со тој резултат се отиде на одмор.
Во второто полувреме Лавовите направија неколку измени но ни тоа не им помогна.Во 75 минута главниот судија досуди пенал за домашната екипа, кога голманот Костадиновски немаше друг избор и го фаулира центарфорот, кој беше оставен сам во шеснаесетникот, на што судијата оправдано покажа на белата точка и 4-2. Тоа беше крај на маките што ги имаше неискусната одбрана на Престон Македонија.
Во следното заостанато коло, што се игра в сабота, на 7 септември, Лавовите одат повторно во гости против екипата на Брансвик Сити со почеток во 15 часот.
С. Г.
13 Aug 2024