Коалите гушкаат еукалиптус за да се разладат

Кога е жешко коалите ги гушкаат стеблата и големите ниски гранки на еукалиптус дрвјата и така се разладуваат, соопшти истражувачки тим предводен од зоолози од универзитетот во Мелбурн.
Како и сите влакнести цицачи, така и малите торбари од источниот дел на Австралија имаат проблем со жештините.

Бидејќи немаат потни жлезди, тие тешко дишат или го лижат своето крзно за да ја намалат телесната температура преку испарување, но вака тие губат многу вода.
А бидејќи живеат на дрвја, не можат да се засолнат во некое дувло.
Предводени од Натали Бриско, постдипломец по зоологија при универзитетот во Мелбурн, истражувачите проучуваа дали овие животни имаат други методи за разладување.
Тие закачија радиотрансмитери на 37 коали во југо-источна Австралија и со помош на апарати тие ги фотографираа нив и пет дрвја на кои живеат, еукалиптуси и багреми.
Собраните податоци покажаа дека стеблата на еукалиптус дрвјата се за пет степени поладни од просечната температура на воздухот од 36,4 степени Целзиусови во деновите кога биле направени фотографиите, а понекогаш дури и до осум степени поладни.
На жештините, коалите обично се ладеле на стеблата и долните гранки на еукалиптусите залепувајќи се максимално на нив.
Исто така, тие почнале сè почесто да се населуваат на багреми, дрвја од кои не јадат но кои имаат најладни површини од сите проучени дрвја.
Резултатите од истражувањето, објавени во журналот “Бајолоџи летерс” на Британското кралско општество, ја нагласуваат важноста на стеблата на дрвјата, нешто што претходно не е истражувано, во функција на “одводни цевки за топлина” за животните кои живеат на дрвја, како примати, леопарди, птици и без’рбетници.

Останати вести