Зошто кокардата и медалите на вмро се најретки – во Mакедонија!?

Најретки одликувања поврзани со почвата на Македонија се токму кокардата и медалот на ВМРО, велат фаларистите

 

По цена од 1.900 американски долари, канадски дилер на одликувања на интернет продава медал на ВМРО „За заслуга за поробената родина Македонија” од 1924 година. Според познавачите, ова е досега највисока цена на одликување поврзано со Македонија, пишува скопски “Дневник”. Друг дилер на одликувања неодамна продал друга верзија на медалот, од 1919 година, по цена од 800 долари. Единственото државно одликување од Македонија на светскиот пазар во моментов е Илинденската споменица, искована во 1953 година и доделувана на живите учесници во Илинденското востание. Цената на одликувањето се движи од 70-80 евра меѓу балканските трговци, до 400 евра кај европските дилери со воени одликувања.
Познат скопски фаларист и колекционер на воени одликувања за скопски “Дневник” тврди дека цената од 1.900 долари за орденот на ВМРО е досега највисока цена што едно одликување поврзано со Македонија.
– Станува збор за кокарда за капа и медал, кој се носи на градите, воведени со статут на Централниот комитет на ВМРО во 1919 година. Досега во фаларистиката се опишани четири типа на овој орден, кој бил делен за заслуги. Се состои од вкрстени пушка и знаме со натпис „Слобода или смрт”, кои стојат над рачна бомба, под која стои натпис „за заслуга кон поробената родина Македонија”. Досега нема објавен податок колку се исковани, ниту колку се доделени. Kај нас во Република Македонија се ретки – вели познавачот. Тој смета дека цената е реална, со оглед на реткоста на одликувањето, но нагласува дека тоа има главно локална вредност.
Неколку дилери на одликувања на продажба ја нудат Илинденската споменица. Највисоката цена, на американски веб-страницата е 400 евра. Просечната цена кај балканските дилери е од 245 до 345 евра.
– Илинденската споменица е стандардно државно одликување, изработено во 1953 година по повод 50-годишнината од востанието. Ја дизајнирал Ѓорѓе Андреевиќ-Kун, а кована е во ИKОМ-Загреб. Официјално се доделени околу 2.500 споменици, на сите живи илинденци, но се проценува дека се исковани околу 3.500 одликувања. Цената вообичаено е од 100 до 250 евра – вели колекционерот.
Тој вели дека најретки одликувања поврзани со почвата на Македонија се токму кокардата и орденот на ВМРО. Освен Илинденската споменица, сите други одликувања се странски. Тука спаѓаат медалите и споменици за учество во балканските војни, доделувани од соседните држави, српски медали „за ослободување на јужните краеви”, италијански медали за учество во светските војни, соузнички медали за Првата светска војна на територија на Македонија…
– Сите тие одликувања се многу чести, а цените знаат да бидат и од 5-10 евра. Станува збор за медали за служба, кои се делени на стотици илјади војници – вели фаларистот.
Тој вели дека медалите поврзани со Македонија имаат локално значење и вредност. На светскиот пазар, додава, главно се бараат одликувања од Германија, големите империи, Скандинавија…

(“Дневник”)

 

Останати вести