Македонската двојазична програма во училиштето Lalor North Primary, го прослави својот 30 годишен јубилеј.
Ова школо е можеби единственото во светот каде што надвор од Македонија македонскиот јазик успешно се предава во секојдневната настава. Својот почеток оваа програма го забележал во далечната 1984 година и е симбол на мултикултурна Австралија, која ги интегрира сите, давајќи им можност да ги зачуваат своите културни обележја.
Повеќејазичното училиште Lalor North Primary се наоѓа во северните предградија на Мелбурн, во пределот каде има голема концентрација на Македонци и има двојазична наставна програма на англиски и македонски јазик. Околу 150 ученици се вклучени во двојазичното образование од првото до шестото одделение, а покрај македонската програма во ова школо постои и грчка и италијанска настава. Фокусирајќи се на развојот на јазикот и културното наследство преку содржински-базирана настава која е слична со онаа во Македонија, студентите поминуваат од 7,5 до 12 часа неделно учејќи македонски јазик покрај англискиот.
Во своето обраќање до присутните родители и ученици координаторот на програмата Мирјана Андоновска го цитираше Крсте Петков Мисирков: “Јазикот на еден народ е неговото духовно наследство. Да го сочува некој својот народен јазик значи да остане верен на духот на своите прадедовци и да почитува се што имаат тие направено за своето поколение”.
За оваа пригода од Сиднеј допатува и учителката Жаклина Михајлова, претседателка на Македонската учителската асоцијација од НЈВ, а беа присутни и Љубица Талевска од македонска учителска асоцијација на Викторија и конзулката на Македонија Бети Коруновска.
Јазикот е средство преку кое се запознаваме со културата на една нација, а во исто време тој помага и за промовирање на земјата.
Фактот што повеќето ученици што го изучуваат македонскиот јазик и припаѓаат на втората и третата генерација Македонци во Австралија зборува дека потеклото игра огромна улога во градењето на идентитетот на човекот. Иако некои од овие млади луѓе никогаш не биле во Македонија, преку јазикот се доближуваат до Македонија и со гордост го изговараат секој научен македонски збор.
02 Dec 2024