Mицкоски и ВМРО-ДПМНЕ рушат рекорди во довербата кај граѓаните

Довербата во Владата и премиерот Христијан Мицкоски е потврдена и преку најновата анкета на агенцијата „Маркет вижн“, спроведена од 20 март до 17 април на примерок од 1.200 испитаници. Според резултатите 51.7% од граѓаните би гласале за ВМРО-ДПМНЕ доколку утре има избори, додека довербата во премиерот Мицкоски изнесува 25.4%.

Истражувањето покажува дека над 60% од испитаниците ја препознаваат борбата против организираниот криминал како интензивна и континуирана, а како најважен предизвик денес, по долго време, граѓаните го истакнуваат економскиот развој, што според партијата е резултат на напредокот во справувањето со криминалот.

Во однос на економските мерки, анкетата покажува дека две третини од граѓаните ја поддржуваат владината политика за замрзнување на маржите на основните производи, а над 40% сметаат дека изборот на производите е соодветен.

Истовремено, резултатите откриваат и висока поддршка за реформи во правосудниот систем: повеќе од 50% од испитаниците бараат промени во Судскиот совет, а 45,7% се изјасниле дека треба да се смени и јавниот обвинител.

Од СДСМ не ги признаваат овие резултати: „Омилената агенција на ВМРО-ДПМНЕ која уште од времето на Груевски е платена да ги манипулира граѓаните со лажни анкети е повторно ангажирана, овој пат за сума од 400.000 евра народни пари, реагираа од СДСМ за истражувањето спроведено од „Маркет вижн“.

Левица, пак, забележа дека „Мицкоски ставил потпис на договорот со агенцијата за истражување на денот на погребот на загинатите во трагедијата во Кочани“.

Останати вести