„Без добра економија, нема добра иднина“

Македонци од Австралија со своја призма за Македонија

 

Елизабета и Кире Тренкоски се родени во Прилеп, но тие години живеат во Сиднеј. Овој пат се враќаат во родната земја повторно по 8 години. Не се фасцинирани од ништо велат, тешко им паѓа што според нив Македонија не отишла економски ниту чекор напред. Изградбата на споменици е враќање назад во минатато, а луѓето, младите, властите треба да гледаат напред, да создадат можности Македонците да остануваат во родната земја, но да бидат економски обезбедени. И овој пат велат ќе си заминат со иста констатација, дека никогаш не би се вратиле да живеат во Македонија, бидејќи условите за живот што им ги нуди Австралија се неспоредливи. Ќе ја посетат повторно, но само за да ги видат своите сакани роднини, пријатели и затоа што Македонија е нивна родна земја

Со голема реалност, без ни малку илузии, со својата објективна призма, како што велат Елизабета и Кире Тренкоски и овој пат ја доживеале Македонија како држава која е многу долу на европската, на светската скала на економски развој. Од последното нивно доаѓање, пред 8 години, до сега забележале само одредени промени во менталитетот но не и во другите аспекти на современ, урбан живот. Не само што не се фасцинирани од сликата која што ја затекнале, туку се разочарани што и по толку години, југословенски Прилеп како што велат е подобар од овој денес.

„Гледам дека се изградиле споменици во Прилеп и тие кои се посветени на Карапалак се добри современи решенија кои што покрај својата функција ќе бидат паметници на делото на загинатите херои на Карпалак, се и урбани објекти, кои се атрактивни и адекватни за ова време. Но, ако правам споредба со она што се гради, ретро-градбите во Скопје, сметам дека правецот во кој се движиме како држава не е добар. Нам не ни треба враќање во минатато, туку нови перспективи во иднината. Наместо да биде вниманието посветено на изградба на споменици, треба да се води многу повеќе сметка за ликот и психологијата на младите, кои како што гледам ги изгубиле, или воопшто не ги стекнале моралните и нормите за културен,цивилизиран однос кон повозрасните.Многу ме погодува сликата која често ја забележувам, како младите ги исмеваат старите, немоќни луѓе, наместо да им помогнат. Можам слободно да кажам дека тоа не беше случај во времето на поранешното уредување. Јас ја сакам Македонија, да не бидам погрешно сфатен, јас сум патриот и од тие причини и доаѓам овде. Најблиските, потесното мое семејство е во Австралија, а сепак секогаш ме влече оваа родна земја. Но, сметам дека дојде време политичарите што се избираат навистина да направат нешто за државата, народот, нацијата да оди напред, а не луѓето и по 20 години независност да живеат во сиромаштија и да им се продаваат приказни од типот на оваа со Субрата Рој. Мислам дека треба навистина поголем да биде влогот на политичарите, наместо да се насочат на реализирање на своите амбиции, треба да се трудат да ги остварат потребите на својот народ“, вели Кире Тренкоски.

Неговата сопруга Елизабета, полни 16 години живее во Сиднеј. Толку се адаптирала на тој начин на живот во најдалечната земја што, како што вели, освен желбата да си го види семејството ништо друго веќе не ја влече овде во Прилеп и во Македонија.

„Не дека не ја сакам мојата родна земја, но навистина многу тешко ми паѓа кога ќе дојдам и кога ќе видам дека повторно ништо не се случува. Од моментот кога заминав до денес луѓето живеат со истите проблеми. Можеби имаат подобар вкус при избор на гардеробата, но нивните основни желби и потреби не се исполнети. Прилеп е мој роден град, затоа ме погодува кога ќе ги видам променетите услови за живот. Сите луѓе едно исто ми кажуваат – за да имаш работа или да напредуваш, за да успееш во што било во животот, ти мора да си припадник на политичка партија. А, тие што не сакаат да бидат политички обоени, што со нив?! Од друга страна гледам дека децата на семејствата кои важеа за домаќински, мислам на пристојни, воспитани и културни луѓе, остануваат денес без работа, а оние кои ги знаевме како, простете ми на терминот `олош` сега се и на функции. За мене овие промени не се добар репер во животот на Прилеп. Парковите и цвеќињата се составен дел на секоја урбана средина во светот и тука не гледам  никаков напредок. Економијата, вработеноста, стандардот на граѓаните е репер за позитивните процеси кои овде очигледно уште со години нема да се случат“, додава Елизабета Тренкоска.

Таа е дипломиран технолог и во Сиднеј работи на својата струка, а Кире е вработен во администрацијата на една сиднејска болница. Секој свој слободен термин го планираат да заминат некаде на одмор, да се релаксираат, да запознаат нови убавини во светот. Пред да дојдат во Македонија овој пат биле повторно на Хаваи неколку дена, па продолжиле во Кан Кун во Мексико, па во Барселона, ги посетиле Андора и Црна Гора и секаде останале најмалку по 4 дена.

„Секаде е убаво, секое место на светот има свои убавини, специфики… Кога бевме на Хаваи првиот пат толку ни се допадна, што посакавме да се вратиме пак, затоа и овој пат отидовме уште еднаш да поуживаме, но искрено, го доживеавме како нешто видено и по 4 дена решивме да продолжиме за Мексико. А, во Македонија секогаш се враќаме со желба да си ги видиме своите. Топли прегратки, солзи или само неми погледи кои кријат многу емоции и овој пат така не пречекаа најблиските. Животот тече, се сретнавме по 8 години, сигурно сите си забележавме по некоја брчка на лицето, по некоја сенка во погледот, времето минува… затоа е и нашиот револт или тага за ова што се случува или, поточно, што не се случува во Македонија. Кога би биле луѓето економски независни, ќе беа посреќни, ќе можеа во овој краток живот да уживаат многу повеќе, а не цел живот да го живеат во броење дали ќе имаат пари да го поминат месецот“, велат двајцата сопружници.

Иако се чини дека се во редот на похрабрите Македонци, сепак велат на крајот на нивната посета во родната земја последните денови чувствуваат немир, измешани чувства, носталгија за младешките денови поминати со блиските, но и многу свесност дека животот продолжува, а нивниот избор е Австралија, држава во која велат можат целосно да бидат реализирани и како работници и како граѓани и како луѓе. Имаат пријатели од сите страни на светот, не ги избираат само Македонците, ги почитуваат сите вери, религии, сите култури и затоа се чувствуваат многу слободни и неврзани за просторот и времето. За нив светот нема граници, луѓето ги почитуваат според нивната култура, широки погледи, современ начин на живот ослободен од стегите на историските кочници и недокажани вистини. Велат Македонија ја носат во срцето, таа секогаш ќе си биде нивна родна земја, но тоа не значи дека ја изгубиле објективната призма и дека не можат да ги направат  разликите на прекрасните убавини кои ги крие светот. Таму треба да се стреми Македонија, велат Тренкоски.

Моника Талеска

Останати вести