Голем успех – Македонија е вицешампион

Одбојка – Eвропска лига

Надминат е минатогодишниот успех, кога беше освоено 3. место.

Во финалето Македонија загуби од Словенија, која се стекна со право на настап во најсилната, Светска лига во одбојка, идната година
Македонската одбојкарска репрезентација оствари голем успех со освојување на второто место во Европската лига, која заврши во саботата. Во своето второ учество во натпреварувањето кое е квалификациско за влез во елитната, Светска лига, Македонија направи чекор напред во однос на минатата сезона, кога беше освоено третото место.
На финалниот турнир што се играше во Полска, во петокот Македонија ја победи Естонија со 3-0 (25-23, 25-22, 25-22). Во почетокот на сезоната, во првите две кола, Македонија загуби од Естонија со 0-3 и 1-3.
По ова, во саботата, во решавачкиот меч за титулата и за влез во Светската лига Македонија загуби од Словенија со 0-3 (21-25, 20-25 и 17-25). Во мечот за трето место Полска ја победи Естонија со 3-0.
Со триумфот Словенците се најдоа во елитната лига, но Светската одбојкарска федерација допрва ќе треба да провери дали Словенија ги исполнува сите услови за настап во Светската лига. Според правилата, во случај на неисполнување на условите Македонија ќе добие право да игра во најсилното светско натпреварување, кое годинава го освои Франција (првпат), со победата над Србија во финалето играно во Бразил, со 3-0.
Сезонава Австралија го подели осмото место со Русија. Австралија има вкупно три настапи, а во претходните два беше 12-та (1999 година) и деветта (2014 година).
Во Светската лига, која секоја година се игра од 1990 година, најуспешен е Бразил со девет титули, а потоа следат Италија со осум, Русија со три, САД со две, а по една имаат Куба, Холандија, Франција и Полска.

Останати вести