Австралиско Македонското медицинско друштво и Македонските православни сервиси од НЈВ во Dolton House, Sylvania Waters организираа хуманитарна вечер, а собраните средства ги наменија за одделот за радиотерапија во болницата Сент Џорџ и Фондацијата за истражување при истоимената институција.
Дознаваме дека вечерта се собрани $15,000 за опрема и $6,837 за Фондацијата за истражување во Сент Џорџ и Садерленд.
Со ова ќе се овозможи купувањето на Prone Breast radiotherapy table, што ќе биде втора во НЈВ со такви можности. Машината за радиотерапија ќе носи плоча со посвета дека е донирана од Австралиско Македонското медицинско друштво и македонската заедница. Од донацијата во иднина ќе може да се помага на околу 300 пациенти годишно при што тие ќе имаат за 85 проценти помалку несакани ефекти.
Како специјални гости на оваа средба беа големиот пријател на Македонците, федералниот пратеник од Западна Австралија, господинот Лук Симпкинс и Давид Колмен, федерален пратеник од НЈВ, а имаше и видео обраќање до присутните од сопругата на претседателот на Македонија, госпоѓа Маја Иванова. Меѓу присутните на оваа хумана вечер беше и Веле Трпевски, амбасадорот на Македонија со седиште во Канбера.
Благодарност за успешната вечер беше изразена до: др. Зоран Бечваровски, др. Ник Митрев, др. Ник Цветковски, Марјан Петровски, Зоран Бочкароски и Кире Јакимовски.
13 Oct 2024