Третиот Македонски фестивал на храната се одржа во недела, на 23 ноември, на 25 Ferras Blvd во South Morang, од 10:30 па се до 18:30.
Мирис на ќебапи, топлина од жешка скара и македонска музика го исполнија воздухот викендов во Саут Моранг. Македонците што живеат во Мелбурн ја покажаа својата гордост на овој трет по ред Македонски фестивал на храната. Прославата вклучуваше автентична храна, облека, музика, оро, забава за децата итн… Имаше по нешто за секого – изјавија организаторите на фестивалот од МАСО.
Фестивалот веќе има реноме за печива и колачи, солен зелник или пита со спанаќ, бурек итн… до тулумби прелиени со шербет или пржени крофни. Сепак според редовите и чекањето ќебапите беа ѕвездите на фестивалот.
За забавата се погрижија: КУД „Никола Карев”, КУД „Јане Сандански”, КУД „Александар III Македонски”, КУД „Бисер”, КУД „Танец”, КУД „Тоше Проески”, Вера Трајкоска, Иван Радевски, Мајкл Димовски, ДиЏеј Мангал, младите таленти: Лавиниа Тосев (Kid’s The voice of Australia), Џесика Поцев, Николас Петерсон, групата „Весели Македонки” и други.
Навистина горди сме што сме Македонци, но и што живееме во мултикултурна Австралија и можеме да ја продолжиме нашата традиција и да ги негуваме нашите обичаи.
Македонскиот фестивал на храната, кој минатите две години се одржуваше во Вилијамстаун, веројатно поради големиот успех кој ги надмина минатогодишните фестивали, ќе се пресели за постојано во Саут Моранг, на просторот до општинската зграда на Витлси.
Тешко е и неблагодарно да се зборува за бројки но повеќе илјадници луѓе доаѓаа и си заминуваа во текот на целиот ден. И покрај големииот паркинг наоколу тешко беше да се најде место во шпицот на настаните.
13 Aug 2024