12-годишен мигрант на Железничка станица во Гевгелија бил удрен од високонапонска струја. За среќа не го убила.
Инцидентот се случил во петокот околу 17 часот на осмиот колосек на железничката, на кој имало празни вагони. Дванаесетгодишникот бил качен на еден од вагоните и добил струен удар. Со помош на другите мигранти и Брзата помош набргу бил однесен во Општата болница во Гевгелија, каде му е укажана лекарска помош.
Како што пренесува МВР, неговата мајка не забележала како дошло до струјниот удар. Момчето и неговата мајка се Курди од северна Сирија.
Железничкиот сообраќај пред колапс поради мигрантската криза, од соседите побарани дополнителни вагони, но сите одбиле да помогнат.
Три редовни и три вонредни возови што секојдневно сообраќаат од Гевгелија кон Скопје, односно Табановце, не се доволни за справување со огромниот наплив мигранти што секојдневно ја притиска Македонија. „Македонски железници” имаат обврска да се грижат и за другите линии низ земјаtа, поради што е побарана помош од соседните земји, но позитивен одговор нема.
„Уште 30 вагони да имавме – немаше да бидат доволни за транспорт на сите бегалци што влегуваат во нашата земја”, вели за “Утрински весник” Никола Костов, директор на „Железници – транспорт”.
Тој вели дека шесте возови што секојдневно сообраќаат од најјужниот град во државата се преполни. Во еден вагон може да се сместат околу 100 лица, а деновиве внатре се стискаат и по три или четирипати повеќе. Седат и спијат еден врз друг.
„Се загрозува безбедноста во сообраќајот, Побаравме вагони од Србија, Бугарија, Грција, но сите не одбија, веројатно имаат потреба од нив поради летните одмори. Сега чекаме одговор од Хрватска”, вели Костов.
МЖ ги има активирано сите расположливи вагони. Од оваа фирма стравуваат дека по две недели, кога ќе започне училиштната година, ќе се случи целосен колапс во железничкиот сообраќај поради големиот број ученици и студенти што имаат извадено месечни билети.