Мажи со мустаќи против ракот на простата

Доколку месецов забележавте зголемен број мажи, со мустаќи, не чудете се. Не се вратила модата од минатото, туку и македонските мажи се приклучија кон една необична, но корисна кампања. За таа цел требаше да пуштаат мустаќи во ноември. Во текот на целиот месец, освен што пуштаа мустаќи, донираа и пари, кои потоа се искористуваат во научни истражувања за зачувување на здравјето кај мажите.

 

На светско ниво оваа активност се случува веќе една деценија. Се почнало навидум наивно и банално, а прераснало во корисна акција од светски размери. Група пријатели од Австралија во едно спонтано дружење и разговор за ретро модата решиле пуштајќи мустаќи да обележат една кампања, која за кратко време заземала светски размери. Овие досетливи Австралијанци акцијата ја нарекле мовембер (Movember) Потоа почнале да бараат финансиска поддршка за овој необичен потфат. Собраните средства ги вложиле во подигањето на свеста за здравјето кај машката популација и за научни истражувања во доменот на лечење на ракот на простата и на тестисите. Во акцијата постепено се вклучувале и жените, кои давале и финансиска и логистичка поддршка во кампањата. Многу Македонци овој месец се приклучија на оваа активност и учествуваат во Movember, вложувајќи пари за подобро здравје на мажите.
– Сакајќи да се приклучиме на вонучилишни активности на сиот нормален свет, кој на интересен начин прави корисни работи, решивме да станеме дел од оваа светска акција. Movember функционира на принципот – капка по капка, океан. На еден навидум банален начин – пуштајќи мустаќи цел месец, се грижиме за здравјето кај мажите. Како? Денес во светот има околу 2 милиони регистрирани луѓе, кои се симболи на оваа кампања (пуштајќи мустаќи или поддржувајќи ги оние кои го прават тоа – во мовембер, мустаќите се она што е црвената панделка во борбата против сидата). Поточно, мустаќите служат како “маскоти” на мовембер, подигајќи ја свеста за потребата од поголемо внимание за овие болести кај мажите и собирајќи средства кои може да ги донира секој кому ќе му се допадне идејата, дури и да се симболични. Тие одат директно во светската фондација на “Мовембер”, која понатаму ги препраќа до организации и институции, кои работат на пронаоѓање лек за рак на простата и на тестисите, а од годинава средствата се искористуваат и за подобрување на менталното здравје кај мажите.

Годинава има голем број индивидуалци и фирми, кои донирале средства, но не се откриваат за да не ја користат оваа активност во себепромовирање.

На светско ниво оваа година, на речиси половина “моември”, се собрани околу 443 милиони долари, кои до крајов на месецов може лесно да се мултиплицираат, доколку повеќе луѓе се вклучат во оваа кампања.

Дотогаш заинтересираните може да донираат регистрирајќи се на http://au.movember.com

Останати вести