Ми го изгоре лицето, но не и душата

Кога минатата година Македонката Дана Вулин беше донесена речиси целосно изгорена во болницата во Перт, малкумина очекуваа дека денес таа ќе биде способна да се соочи со девојката која и го стори тоа, Натали Димитровска. Вулин со маска на лицето ја дочека пресудата од 17 години затвор.

 

Македонката Дана Вулин, жртва на еден љубовен триаголник, денес е со страшни изгореници на лицето и за првпат јавно зборува за својата болка, за повредите, за шокот… Таа отворено ни покажуваше фотографии од нејзиното изгорено лице и тело. Во разговор за ТВ станицата Канал 7 Дана Вулин се сеќава кога за првпат се разбуди од кома и кога мораше да се соочи со искршената реалност, со тоа дека „Дана што ја знаевме веќе ја нема”.

„Бев сосема скршена. Морав да прифатам дека никогаш повеќе нема да изгледам како што изгледав. Душата ми беше скршена, чувствував како ја губам”.

Натали Димитровска беше осудена со казна затвор од 17 години, три години помалку од максималната казна. Натали, во љубоморен параноичен бес поради тоа што нејзиниот сопруг се гледа со згодна русокоса девојка, ја поли Вулин со запалива течност. Сама дома, Вулин не можеше да се одбрани од Димитровска и еден нејзин пријател. Гореше целото тело на Вулин.

Таа имаше изгореници на повеќе од 60 отсто од нејзиното тело. На судењето на нејзините напаѓачи Вулин присуствуваше со маска.„Го покрив лицето со моите раце, почнав да врескам и веќе наредниот момент бев во пламен. Тие се смееја. Ме гледаа како горам и истрчаа од мојот стан”, изјави Вулин за Канал 7.

И покрај тоа што се соочува дека до крајот на животот ќе биде со лузни, дека ќе мора да и бидат извршени уште многу хируршки интервенции, Вулин на судењето рече дека не го мрази нејзиниот напаѓач.

„Луѓето велат дека мора да ја мразам , но јас не ја мразам. За да се мрази некого треба непотребно многу да се троши и време и енергија”, рече Вулин. „Таа за мене е само едно ништо. Таа не ме победи. Ментално јас сум истата, но ми го уништи лицето, ми го уништи мојот изглед, а тоа беше доволно за неа”.

Останати вести