Во Сиднеј изложени мозаици реплицирани од Хераклеја и од Стоби

Патувањето низ Македонија е инспирација за изложбата на мозаици „Различен агол”, која две недели беше поставена во галеријата „Хејзелхрст” во Сиднеј. Петнаесетина жени од Австралија предводени од професорката по уметност Сузан Тиндал-Мекдоналд ги реплицираа познатите мозаици што ги виделе во Хераклеја и Стоби.

 

Професорката Тиндал-Мекдоналд е страстен поборник за заживување на античката уметност. Таа ни раскажа дека ученичките што со години ги посетуваат нејзините часови во галеријата толку се инспирирале од патувањето во Охрид и околината на кое биле минатата година, што создале трајни уметнички форми. За да тргнат на тоа патување, наговориле една нејзина ученичка Билјана Поп Стефанија, која има потекло од Охрид.

Иницијатива на иселеничка во Сиднеј

Тиндал-Мекдоналд нагласува дека мозаиците ги создавале 15 жени – 13 нејзини ученички и Поп Стефанија. Таа живее во Сиднеј каде што работи како професионален архитект. Во последните четири години интензивно изработува мозаици, предава и организира мозаик-работилници и е член на Меѓународната асоцијација на изработувачи на мозаици.

– Нејзина беше идејата да дојдеме во Македонија. Таа е родена во Охрид, а нејзината мајка се’ уште живее таму и во Скопје. Таа ме наговори да тргнеме на ова патување и заеднички го организиравме – објаснува професорката.

Таа додава дека за време на посетата на земјава се обиделе да видат што повеќе места, па освен во Хераклеја, Стоби и Свети Наум, прошетале и во Скопје и во Прилеп.

– Бевме и во Националниот парк „Пелистер” и во вилата Дихово на органски ручек. Скопје го посетивме на еден ден, потоа бевме на ручек во винарницата „Стоби” и на обиколка на неколку манастири, како и неколку помали села. Имавме и работилница во нашиот хотел што ја организиравме заедно со Билјана. Местата на кои се задржавме повеќе беа Хераклеја и Стоби поради мозаиците и, секако, Охрид каде што престојувавме во хотелот „Метропол” со прекрасен поглед кон Охридското Езеро – раскажува професорката.

Тиндал-Мекдоналд објасни дека темите на часовите во галеријата се отворени и сакала да види како нејзините ученички ќе го протолкуваат ова патување.

– Навистина сум изненадена од различните агли кои секоја од нив ги опфати – вели таа.

За в година други ученички

Времето поминато во Македонија ќе го паметат засекогаш, дополнува Тиндал-Мекдоналд. За повеќето од нив, ова била прва посета на нашата земја и сега од дистанција од една година можат да кажат дека се вљубиле во земјата и во луѓето што живеат во неа.

– Одлично си поминавме. За повеќето од нас, ова е најдоброто патување што сме го имале досега. Луѓето се многу гостопримливи и друштвени. Земјата е преубава, а храната фантастична. Нашиот водич Владо беше неверојатен, а неговото познавање на земјата и на артефактите н’ инспирираа сите нас – вели Тиндал-Мекдоналд.

Таа додава дека в година планираат да се вратат со друга група ученици.

– Има уште толку многу да се види и да се искуси. Со Билјана наскоро ќе почнеме со подготовки за следното патување – заклучува таа.

Марина Лазаревска

Останати вести