Македонката Ема номинирана за „Гордост на Австралија- најхрабро дете“

Деветгодишно девојче и' подари коскена срж на помалата сестра

Австралијката со македонско потекло, Емили Мирчевска и’ го спаси животот на четиригодишната сестра

 

Многу луѓе не можат да кажат дека спасиле живот, но Емили Мирчевска може. Деветгодишната Мирчевска од Тејлорс Хил донираше коскена срж за спасување на нејзината помала сестра, откако таа доби ретка автоимуна болест ХЛХ. За неколку дена Миа, која тогаш имаше четири години, стана непрепознатлива, нејзината кожа наликуваше на пациент со изгореници, а нејзините органи беа погодени од вирус што е опасен по живот. Нејзина единствена надеж беше итно пресадување на коскена срцевина, и испитувајќи го нејзиното најблиско семејство се покажа дека Емили одговара совршено.

Таа не се двоумеше да донира коскена срцевина за да го спаси животот на сестра и’, и беше подложена на операција на извлекување на коскената срцевина, која потоа беше пренесена кај Миа. Трансплатацијата беше успешна.

Мајката Лидија рече дека Емили е потпора за неа и за таткото Боби, и дека апсолутно ги восхитила со нејзината храброст.

„Денот кога излеговме од болница, Боби и Емили дојдоа да не’ земат, тоа беше прв пат Емили и Миа да се видат за шест недели, и иако се’ уште беше кревка Миа се стрча до нејзината сестра и силно ја прегрна. Тоа беше најубавото нешто што сме сме го виделе”, вели Мирчевска.

Таа рече дека Миа го завршила лекувањето, освен испитувањата на крвта што се прават на секои три месеци.

„Од моментот кога Миа доби ХЛХ и низ што се’ помина до сега, не би помислиле дека нешто не е во ред со неа. Таа загуби 70 отсто од кожата, но неверојатно се’ се врати убаво со минимални лузни”.

Емили вели дека се чувствува „навистина добро” знаејќи дека го спасила животот на својата сестра и го сочувала нејзиното семејство заедно. Таа вели дека со Миа се многу блиски.

„Таа ме следи насекаде и сака да прави се’ што правам јас. Ми се допаѓа како таа е многу дрска и ми се допаѓа како ме гледа. Сакам да ја учам како да танцува”.

За нејзиното жртвување Емили е номинирана за медалот Храбро дете – гордост на Австралија за оваа година. Емили вели дека се чувствува посебно што е номинирана.

„Моето семејство и пријателите секогаш ме потсетуваат колку сум посебна заради спасувањето на животот на сестра ми, но номинирањето за оваа награда е многу кул”.

Но, во очите на Миа, Емили веќе е победник. Запрашана колку ја сака нејзината сестра, Миа вели дека ја сака „до небото” и дека таа е „многу посебна и навистина кул”.

Номинациите за медалот Гордост на Австралија сега се завршени, а финалистите ќе бидат објавени во неделното издание на „Хералд сан” на 28 септември. (Хералд сан)

Останати вести