Австралијанката Наоми Вотс ја глуми главната улога во филмот „Дајана”, кој ги прикажува последните години од животот на британската принцеза и нејзината романса со хирургот Хаснат Кан. Ѕвездата изјавила дека Дајана лично ѝ дала дозвола од „оној свет” да го толкува нејзиниот лик.
„Постојано се прашував дали на Дајана би ѝ се допаднало тоа што ја глумам токму јас. Затоа се обидов да ѝ се обратам и да ѝ побарам дозвола. Се чувствував како да минувам многу време со неа и во еден момент го добив нејзиниот благослов. Знам дека ова нема да звучи добро во медиумите”, изјави Вотс, а пренесува Дејли мејл.
Таа додала дека се колебала кога ѝ ја понудиле улогата, плашејќи се од одговорноста.
„Секој ќе има свое мислење за филмот и став за тоа како требало да се претстави Дајана. Тоа е исцрпувачко, но сите улоги носат некаков ризик”.
Премиерата на филмот е закажана за септември, а во него се прикажани последните две години од животот на Дајана, вклучувајќи ја и романсата со Хаснат Кан, кого го глуми Невин Ендрјус од „Изгубени” (Lost).
Наоми Вотс додала дека детално се подготвувала за овој проект, разговарајќи и со луѓе блиски до принцезата Дајана.
„Не е лесно на големото платно да се пренесат нејзините хумор и пожртвуваност. Таа беше вистинска бунтовничка, а тоа е нешто на што секогаш се воодушевувам. Се надевам дека приказната ќе им се допадне на Вилијам и Хари. Тоа е сепак дел од колективната историја кој еден ден мораше да биде раскажан”, изјавила глумицата.
13 Aug 2024