Во соработка меѓу литературните друштва “Глигор Прличев” од Сиднеј и “Браќа Миладиновци” од Мелбурн, во петокот, на 29 август во просториите на социјалниот клуб на Престон Македонија во Резерво, беше организирана промоција на дела од двајцата еминентни македонски автори од Сиднеј, Душан Ристевски и Иван Трповски.
Вечерта беа промовирани нивните стихозбирки “Угрејсонце во мојот сон” и “Украдени мисли”, а промотор беше Виолета Јовановска. Потоа се одржа пригодно читање на песни од авторите и неформален книжевен разговор.
Двајцата автори од Сиднеј се добитници на наградата “Стојан Христов” и имаат долгогодишно творечко искуство. По традиција тие се репрезенти на друштвото “Глигор Прличев” што се смета за најуспешно литературно друштво во дијаспората.
Ова е почеток на соработката, а како скромни домаќини беа членовите на литературното здружение од Мелбурн “Браќа Миладиновци”, кои добија подарок од богата колекција книги.
Присутните можеа да се запознаат со претседателот Душан Ристевски и со Иван Трпевски, неуморниот раководител на библиотеката при самото друштво.
Друштвото “Глигор Прличев” ја поседува единствената библиотека во дијаспората која денес има значаен број на книги и е неуморен промотор на македонскиот јазик и литература во Австралија.