Истражителите на смртта на претседателот Трајковски и на неговите соработници откриваат нови моменти кои фрлаат поинакво светло на трагедијата кај Мостар, објаи Канал 5 телевизија
Во Ротимље, на местото на трагедијата деновиве беше 15-члената нова експертска комисија која одново го истражува падот на “кингерот” и погибијата на претседателот Борис Трајковски и 8 членови на макдонската државна делегација. Со повеќе инструменти и уреди од земја, од местото каде паднал кингерот во февруари 2004-та, експертите ги проверувале параметрите на летот и калибражата на авионските инструменти.
Ова е последен дел од истрагата, по што до крајот на оваа недела Комисијата на Омер Кулиќ ќе се собере во Мостар за да ги анализира добиените информации и со споредба да ги открие разликите со првиот извештај за “кингерот”. На лице место 7-мината македонски членови на Комисијата разговарале и со жители на Ротимље за кобниот ден.
Досега дваесетина жители на селото ја раскажале својата верзија на настанот која во сите искази е многу слична: дека во февруари 2004, само два часа по падот на “кингерот”, на самото место дошле француски војници на СФОР кои го блокирале теренот и не дозволувале пристап. Дури 24 часа по несреќата официјално беше откриено местото каде авионот се забил во земјата.
Челниот човек на Комисијата, Омер Кулиќ, веќе изјави дека стапил во контакт со тогашни припадници на СФОР и дека по писмен пат им упатил прашања. Но нема информација за нивниот одговор.
За време на новата истрага откриени се и повеќе документи кои даваат ново светло на околностите при падот на “кингерот”, а во првиот извештај воопшто не биле спомнати, пренесува Канал 5. Анализите на сите овие податоци ќе се одвиваат оваа работна седмица, но се уште не се соопштува кога ќе биде составен новиот извештај за несреќата која однесе девет човечки животи и кога ќе биде објавен и доставен до обвинителството на БиХ.
13 Aug 2024