Во селото Октиси кај Струга дојде до тензии поради обидот да се освети камен-темелник на црквата “Свети Димитрија”. Преку разгласот на минарето, двајцата селски оџи на македонски јазик ги повикаа верниците да се соберат на мирен протест “и да не дозволат да се гради црква сретсело”.
За кратко време се створија два табора – едниот на православните жители на селото кои беа тргнати заедно со попот во процесија за осветување на камен-темелник на црквата и, наспроти нив, стотици муслимани (некои и со арапски знамиња) со намера да го спречат тоа.
Иницијативниот одбор за изградба на црквата ги има добиени потребните градежи документи и дозволи. Ако не се започнат градежните работи до 30 септември, дозволата за градба ќе истече па би морало да се вади друга. А и оваа одвај е добиена од претходниот струшки градоначалник Мерко.
Со цел ситуацијата да не ескалира, на самото место дојде поголем број полицајци согласно проценката за нарушен јавен ред и мир.
Од двете страни имаше скандирања и дофрлувања, но немаше обиди за пробивање на полицискиот кордон. Исламската верска заедница калкулира со ставот зошто двајца оџи го подбуцнуваат муслиманското население.
За да се надминат проблемите, претставниците на Иницијативниот одбор се сретнале со градоначалникот на Струга, Зијадин Села, а во селото пристигна и владиката Тимотеј кој побарал функционирање на институциите и законите на Македонија на целата нејзина територија.
Се најде привремено решение: сите да си одат по дома затоа што дента нема да има поставување камен-темелник за црквата. Тогаш малку се смирија страстите во Октиси, сите се повлекоа по своите домови, а договорено е на 30 август, на средба кај градоначалникот на Струга, да се најде начин за да се надминат недоразбирањата и црквата да продолжи да се гради. Ама дали на истото место или на друго засега не се знае, иако веќе има поставено неколку столбови.
Владиката Тимотеј изјави дека се сомнева во замешаност на припадници на радикалниот ислам.
02 Dec 2024