Портпаролот на глумецот Орландо Блум потврдил дека на бракот на холивудската ѕвезда со манекенката Миранда Кер му дошол крајот. Тие двајца имаат едно дете, синот Флин Кристофер, јавува британски Експрес.
„Орландо Блум и Миранда Кер објавија дека се разделени веќе неколку месеци. По шест заеднички години, тие решија да се разделат, но ќе продолжат меѓусебно да се почитуваат”, изјавил портпаролот на глумецот и додал дека двојката наскоро ќе се разведе.
Причините и понатаму не се познати, иако на крајот на минатата година имаше гласини дека Миранда станала премногу блиска со Леонардо ди Каприо, што таа го демантираше.
„Меѓу Леонардо и Миранда нема апсолутно ништо друго освен пријателство. Тие се добри пријатели веќе подолго време”, изјави тогаш нејзиниот портпарол.
Британскиот глумец почна да се забавува со ангелот на Викторија сикрет во 2007, а се венчаа три години подоцна. Последен пат заедно беа видени на премиерата на бродвејската претстава „Ромео и Јулија”, во која игра Орландо, на 19 септември.
13 Aug 2024