Орлите на Хоторн го победија Сиднеј свонс во финалето

Никој не очекуваше дека резултатот од оваа средба ќе биде толку убедлив, со победа за Хоторн.

Натпреварот се играше во Мелбурн на легендарниот стадион MCG исполнет со 100,000 гледачи, буквално до последното место. На убавиот пролетен ден се гледаше големото финале во кое Хоторн го покажа своето најдобро издание, а Сиднеј своето најслабо. Буквално во сите сегменти на играта доминираа “орлите” од Хоторн. Во првата четвртина од средбата водството беше 20 поени, на средина од средбата веќе 42 и во третата четвртина 54 поени разлика пред да се постигне конечниот резултат од 137 спрема 74. Тоа е неверојатни 63 поени разлика во финалето на австралискиот фудбал.
Многумина беа изненадени како Хоторн, статистички најслабиот тим оваа сезона во одбраната, успеа да го надигра одбранбено Сиднеј кој важеше за еден од најцврстите. На теренот целосно доминираа орлите создавајќи шанси и постојано шутираа кон голот, притоа се што допреа се претвори во злато.
Македонецот Ник Малчески, кој пред две години му ја донесе шампионската титула на Сиднеј свонс и на оваа средба убедливо беше најдобриот играч во тимот, но самиот не можеше да направи повеќе за да ги спаси од тешкиот пораз.
За Хоторн, што како клуб е оформен во 1902 година, ова е 12 шампионска титула, а нивната прва била освоена во 1961 година. Интересен факт за клубот со историја од 112 години, е дека тој е и најмладиот клуб од сите во Викторија што се натпреваруваат во AFL. Овој спорт има страсна публика во Австралија и е дел од историјата на нацијата.

Останати вести