Искрениот однос на верниците кон манастирот е предуслов за неговиот духовен процут
Почитуван игумен Никодим, ќе сакате ли на читателите да им откриете нешто од вашата биографија? Каде сте роден, каде школуван?
Ви благодарам за поканата и за укажаната можност да се запознаам и на овој начин да општам со вашите читатели. Секако дека не би ми пречело, со вас и со читателите, да ги споделам важните пунктови на мојот досегашен животен пат. Роден сум во Скопје, во семејство каде што се почитуваа традиционалните вредности и се негуваше здравиот патриотски дух. Основното, средното и високото образование го стекнав во истиот град. Во 2004 г., на Природно-математичкиот факултет дипломирав Етнологија, а подоцна, во 2009 г., на Православниот богословски факултет и Теологија.
Што се однесува, пак, на мојата духовна биографија, првите сериозни чекори ги направив во 2000 г., кога Бог ме удостои да ја запознаам монашката заедница што монахуваше во древниот манастир Свето Преображение Христово во Зрзе, Прилепско. Тогаш, во тој амбиент го доживеав Живиот Бог како Личност и Црквата како тајна на Богочовечката заедница. Тоа беа мигови, кога со ништо заслужен се најдов во прегратките на Божјата љубов, на што не можев да останам нем и глув па посакав да возвратам, да одговорам и да пребивам постојано во оваа љубов. Замонашен сум во зрзескиот манастир во 2003 година. Во ероѓаконски чин сум ракоположен во 2005 г., а во 2008 г. во еромонашки чин. Во 2014 г., сум поставен за игумен на манастирот Вознесение Христово, Крушевско, а во јули истата година, со благослов и во послушание на високопреосветениот митрополит г. Петар сум поставен за игумен на манастирот Свети Наум Охридски – Роклин во Викторија.
Што знаевте за Австралија пред да се решите да станете нејзин граѓанин?
Австралискиот континент отсекогаш ми бил посебно интересен, впрочем, како и целата земја и се што е на неа оти е Божјо создание и твар. Првите поконкретни и поквалитетни информации за Австралија ги добив на студиите по етнологија. Впечатлива ми беше културата на староседелците – абориџини: нивната музика, танц и сликарство. Она што посебно ме восхитуваше тогаш, но и сега, е извонредната биолошка разновидност и автентичност на австралискиот жив свет и големиот процент на ендемски видови во него.
Пред да допатувам, за животот и приликите во оваа земја доста слушав од нашите Македонци жители на Австралија, кога тие одвреме навреме како туристи и поклоници го посетуваа манастирот Зрзе. Но, сметам, дека вистинското и реално запознавање ќе ми претстои сега, откако стапнав на австралиско тло. Она што на прв поглед ме восхитува е шаренилото од народи и националности со своите посебни култури, и дијалогот и комуникацијата меѓу нив на секое поле од животот.
Како старешина на манастирот “Св Наум Охридски” во Роклин вие се среќавате со верниците од македонско потекло во државата Викторија. Какви се вашите впечатоци од тие средби и разговори?
Македонската јавност во Австралија, воопшто, ми причини топло добредојде и несебично гостољубие. Овие карактеристични особини што нашиот народ успеал да ги сочува далеку од својата родна земја беа радост за мене. Укажаната почит кон мене како монах, понудената помош, што доаѓаше речиси од секого, посебно ме трогнаа оти уште еднаш и на дело се уверив дека нашите, каде и да се, се мохаљубиви, дека искрено ја љубат и сакаат да ја изградуваат Црквата Христова. Во секоја прилика и место, при секоја средба, љуѓето ме прифаќаат искрено и срдечно. Разговараме отворено и се запознаваме, едноставно, се трудиме заеднички и во Христа да ја градиме довербата. Искреноста и љубовта на луѓето со кои се сретнувам во манастирот се основната и единствената атмосфера во која ќе можам да дејствувам и да допринесувам согласно мојот монашки повик.
Дали веќе се адаптиравте во новата средина, како го решивте проблемот со носталгијата што ja чувствува секој наш човек?
Можам да кажам дека по два месеци престој полека почнувам да се прилагодувам. Овде сè е многу поинакво: ориентацијата, климата, воздушниот притисок, динамиката… Пријателите ми велат, да се адаптирам ќе ми треба нешто повеќе време. Да, и јас како и секој Македонец природно и интимно сум поврзан со нашата земја, и веројатно носталгијата никогаш нема да престане. Меѓутоа, тука сум не по мојата воља ами според Божјата, и тоа е олеснување и благослов за мене. Наједноставниот пат да стигнеме до Христа, како што вели старец Софрониј Сахаров, е да сме послушни, да не ја наложуваме нашата воља но да сакаме да бидеме во тековите на Божјата воља. Ова е и суштината на христијанскиот живот – да оствариме духовен живот мислејќи и творејќи го она што на Бога му е угодно. Затоа моето срце е спокојно и воопшто не се бои. Имам потполна доверба во Неговата промисла, во неговата грижа за мене и за Неговата црква во овој дел од светот.
Колку манастирот во Роклин, заедно со сите духовни институции во него, е оформен и завршен, што се гради и доградува?
Манастирот „Свети Наум Охридски” во Роклин е лоциран во еден прекрасен простор што претставува извонредно погоден амбиент за монашки живот. Во манастирот, благодарение на заложбите и подвизите на свештениците и верниот народ при МПЦО Свети Илија – Фуцкреј, веќе од поодамна се завршени сите градежни работи на манастирската црква. За да биде целосно украсена, во тек е изнаоѓањето на решение за изработка на мермерен иконостас по што ќе следи и фрескоживописување на олтарот и наосот.
Значајно за обновата на монашкиот живот е тековното преструктуирање и адаптирање на постоечките капацитети во монашки келии за молитва и простории за работа согласно општежителниот монашки типик. Се надевам дека овие градежни активности ќе бидат завршени во планираниот рок, со што ќе бидат создадени услови за постојан престој, и со самото тоа, непречено одвивање на литургискиот и богослужбен живот во манастирот. Се останато, плановите за изградба на нов монашки и гостински конак во цврста градба, создавањето и организирањето на манастирската економија и оформувањето на целата физиономија на манастирот, верувам дека ќе дојдат сами по себе, кога за тоа ќе се исполни времето. За сè е потребно трпение и стрпливост. За да преуспеваме во ова богоугодно дело, ја имаме Божјата закрила, благословот на надлежниот архиереј, подршката на свештенството и на сиот народ Божји.
Како се чувствуваат верниците во просторот на ова македонско светилиште далеку од татковината?
Секој автентичен и доследен манастир претставува откровение на Црквата и икона на Царството Божјо. Светоста на ова светилиште, како што го нарекувате, зависи од мерката колку ние сите заедно го осветуваме и го чиниме живо во Христа. Како старешина сум задоволен и благодарен од она што го затекнав. Во моментот мислам токму на искрениот однос на верниците кон манастирот како кон свој личен и заеднички простор. Народот во манастирскиот круг се чувствува слободно и растеретено, како дома, како да гази и пребива во својата земја.
Верниците, па и сите добронамерни посетители, во срцето на манастирот ја имаат црквата посветена на патронот Свети Наум Охридски каде се служи Божествената литургија. Мојата најголема желба, молба и молитва е сите луѓе и посетители да го почитуваат благословениот ред, и кога ќе бидат во можност да учествуваат на Евхаристијата и богослужбите, зашто тоа е богатото наследство оставено нам, од Христос, од апостолите, од светите отци и од светиот Наум Охридски. Литургискиот време-простор е нашето духовно пространство, каде што сите ние, изморени и обременети од животните грижи ќе се растовариме, ќе го најдеме нашиот спокој и мир и сè што ние е потребно. Прочитаното Евангелие и применото Слово на неделната литургија ја осветуваат целата наша седмица. Неколкуте минути во кои ќе се помолиме го осветуваат нашето време оти започнуваме да разговараме со Бога. Градејќи ја релацијата со Бога ја градиме и правилната релација со себе си, со нашите ближни и со сите луѓе. Во манастирот дури и по отслужувањето на богослужбата ние продолжуваме да литургисуваме. Благодарствениот етос и понатаму продолжува да пулсира, станува начин на постоење и смисла, а Божјото присуство станува реален опит во животот. Ова би сакал да е залогот што верните ќе го понесат од манастирот и во своите домови.
Ова е втор наш манастирски комплекс на територијата на Австралија или трет? Што се предвидува во иднина на планот на монаштвото во оваа епархија?
Монашкиот живот во епархијата е обновен со благослов на високо преосветениот митрополит г. Петар, како дел од неговите заложби за организирањето на духовниот живот на нашата епархија. Првиот жив манастир е манастирот Свети Прохор Пчински во Донибрук, вториот е манастирот Свети Наум во Роклин, а колку што ми е познато, во подготовка е и трет – манастирот Света Петка во Кембла Гранџ, се разбира, со цел и овој манастир да биде жив, а тоа значи да биде дом и живеалиште на монаси, или монахињи.
Монаштвото е ценет дар на Црквата. Тело од нејзиното Тело, нејзина пофалба. Тоа не претставува самостоен организам и институција наспроти Црквата, туку пример и образец на соборната духовност која заедно со епископот, останатиот к
лир и народот Божји ја гради истата таа Црква. Монаштвото во една локална црква и епархија претставува критериум за нејзината духовна зрелост и плодност, за нејзиното послание и подготвеност да сведочи за победата над смрттта и за воскресението, за исчекувањето на Царството Божјо и вечниот живот.
Игор Павловски
02 Dec 2024