Во неделата, на 8 декември, во Кинглејк се одржа традиционално најстариот пикник на македонската заедница во Австралија. На овој ден беше прославено повторното отворање на обновениот манастир “Св Климент Охридски” кој по големите пожари во 2009 година целосно беше изгорен. За овој настан Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија обезбеди бесплатна забава и многу активности за децата, додека за музиката се погрижија групите “Силва бенд” и “Статистикс”, со избрана традиционална и модерна музика.
На официјалното отворање и сечењето на лентата ги забележавме, покрај претседателот на општината Кон Кристов, парламентарката за Томастаун Бронвин Хафпени, градоначалничката на општина Витлси Мери Лалиос, Џејсон Камбовски од Комитетот за човечки права, оптинскиот претставник од Муриндинди Крис Рухр.
За сите присутни имаше од познатото манастирско гравче и можност да уживаат во убавините на Македонија Парк во Кинглејк.
Од управата на општината посебно им се заблагодарија на Општина Витлси и грантот за заедницата кој овозможи настанот да се одбележи достојно, потоа на Sheldon Receptions, Џорџ Ѓоргески од Newton Tiles и на Џино Павловски од Beton Concrete, како и на многу членови на заедницата за нивната помош во обновата на манастирот.