По минатонеделниот инцидент, кога во автобус со бројот 65 беа претепани осум средношколци, жителите на селото Стајковци се револтирани затоа што полицијата досега не отворила полициска станица во овој дел од градот и покрај фактот дека инцидентите таму веќе станаа секојдневие
Само зајакнатото присуство на полицијата сведочи дека деновиве во скопското село Стајковци се случи инцидент кога засега непознати насилници минатиот четврток по 19 часот без причина претепаа осум средношколци Македонци кои се враќале од училиште во автобусот со бројот 65.
Сега таму е навидум мирно, но се чувствува гневот на жителите на Стајковци исто онака како што облаците надвиснуваат над небото и чекате буквално во секој момент да зафати страшна бура.
Уште од почетокот на населбата Ченто врие од полиција, на секоја автобуска станица. Патниците влегуваат само откако полицијата ќе ги претресе нивните џебови и торби, а контролираат и внатре во автобусот. Едни полицајци седат мирно, на нозе, други пак дремат во блиските кафеани кај основното училиште „Кирил и Методиј” во центарот на Стајковци. Ги има и внатре во училиштето.
– Се враќав од училиште и поради големата мешаница во автобусот едвај успеав да застанам до вратата и така настрадав во дивеењето на некои за мене непознати насилници. Ме тепаа по главата, по рамената, секаде каде што стигнаа, сведочи 15-годишниот Мартин, ученик во средното сообраќајно училиште, за хоророт што им се случи во автобусот со бројот 65, кој сообраќа на релацијата од Транспортниот центар (кај Железничка станица) до селото Раштак.
– Полицијата реагираше брзо, дојде за пет минути, веднаш зад автобусот. Бевме во станица, дадовме изјави. Нѐ прашаа дали ги познаваме насилниците, но како да им кажеме кои се, кога тие беа маскирани со капи и со шалови. Токму затоа мислам дека нападот беше смислен – вели Мартин.
И 14-годишниот Марко се возел со истиот автобус во кој настрада Мартин.
Според неговото сведочење, вечерта автобусот застанал на автобуската станица кај црквата во Сингелиќ и во истиот момент црн „голф” му го попречил патот. Од него излегле пет-шест луѓе, а ним им се придружиле уште неколкумина, за кои Марко не знае точно да каже од каде се појавиле.
– Автобусот само што ги отвори вратите, насилниците наеднаш се појавија и почнаа да тепаат без никаква причина. Тепаа кого стигнаа да удрат, најмногу настрадаа тие што беа блиску до вратите, особено оние на последната врата. Го молевме возачот да ги затвори вратите, ама ништо не можеше да направи. Беше огромен метеж. Стигнавме некако на автобуската пред основното училиште и потоа дојде полиција – раскажува Марко.
И Стефан и Диме и Александра ја раскажуваат истата приказна.
– Ова се случува многу често, најмногу долу, кај џамијата во Попово Маало. Таму најмногу жители се Албанци и прават што сакаат. Дење можеби не е толку страшно, но навечер нам девојчињата ни е страв сами да си одиме дома. Ни свиркаат, нѐ допираат по косата, намерно седнуваат зад нас во автобус – раскажува 13-годишната Александра.
НА СИТЕ ИМ Е ДОСТА ОД НЕВИНИ ЖРТВИ
Повозрасните жители на Стајковци го носат истиот гнев ако го споменете проблемот со инцидентите. Едни велат дека на честите инциденти мора да се одговори со иста мера, други, пак, се категорично против.
– Работев во Германија 42 години и со радост дојдов тука мирно да си ја трошам пензијата. Ама не било така. Ми ја напаѓаат куќата секојдневно. Живеам во Попово Маало и тука е најризично. Секој прави што сака, никој ништо не им може. Никогаш нема да се навикнам на овој менталитет и на овој начин на живот – се пожали седумдесетгодишниот Ѓорге Арсовски.
Тој смета дека дошол моментот кога ќе мора да им се спротивстават на сограѓаните Албанци, зашто, како што вели, Македонците секогаш го извлекуваат подебелиот крај.
– Полицијата мора веднаш да отвори свое одделение тука во Стајковци. Сѐ додека се полицајците тука, ситуацијата е мирна. Штом заминат, почнуваат инцидентите – вели дедо Ѓорге.
МОРА ДА СЕ ЖИВЕЕ ЗАЕДНО, АМА НЕ КАКО ДОСЕГА
Костадин Митевски, пак, смета дека одмаздата не е решение.
– Од ова не треба да се прави драма. Сите ние треба да ја смириме ситуацијата. Месните заедници да ги посочат виновниците. Тоа се провокатори и ги има и кај нас и кај нив. Потоа да се оди преку институциите, а треба да се дејствува и преку родителите. Четириесет години живеам тука и овие тензии се случуваат само последниве две или три години – вели чичко Костадин.
На состанокот на месните заедници од Стајковци, Раштак, Сингелиќ, Булачани, Црешево и други населени места од овој североисточен дел на Скопје, кој се одржа завчеравечер, а на кој присуствуваа градоначалникот на општината Гази Баба, Тони Трајковски, и заменик-министерот за образование, Сафет Незири, било договорено од Министерството за внатрешни работи да се побара отворање подрачно одделение на МВР во Стајковци .
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, по инцидентите што се случија во автобуси на ЈСП, информира дека МВР ги презема сите мерки за откривање на сторителите и за расчистување на случајот.
– Деновиве имаше повеќе инциденти, од кои најсериозен беше во автобусот на ЈСП, а МВР интензивно постапува по сите случаи во рамките на своите надлежности и дејствувања – изјави Јанкулоска.
Во врска со мирниот протест на месното население во Стајковци, кое го блокира патот по инцидентот, со барање за отворање полициска станица и зголемено присуство на полицијата на територија на селото, министерката Јанкулоска нагласи дека сите барања што пристигнуваат до МВР соодветно се разгледуваат и анализираат и дека тоа е доказ оти граѓаните имаат доверба и можат да се потпрат на полицијата.
Според Јанкулоска, ваквите зачестени инциденти не се само безбедносно прашање туку проблемот може да се лоцира и во нарушениот систем на вредности.
– За ова се спроведуваат низа проекти во соработка со повеќе институции, кои имаат за цел да го намалат бројот на ваквите инциденти помеѓу малолетниците, а преку отворен разговор да го издигнат нивото на општествените вредности кај децата – вели Јанкулоска. (“Нова Македонија”)
ЈСП го зголемува бројот на контролори и воведува засилен видео надзор во автобусите
МВР објави дека во Ченто ќе оформи т.н. “мобилна полициска станица” (засилено присуство) а Јавното сообраќајно претпријатие од Скопје ќе ги засили контролите во автобусите и ќе обезбеди поквалитетен видеонадзор со цел да ја зголеми безбедноста на патниците.
Според раководството на ЈСП ќе биде зголемен бројот на контролорите чија работа ќе биде да се грижат исклучиво за безбедноста во автобусите што сообраќаат на проблематичните линии, а ќе се набават и 50 снимачи наменети за камерите во автобусите, кои досега не снимаа, туку само пренесуваа слика до возачите.
Последниот инцидент се случи во четвртокот вечерта, кога непознати напаѓачи со две возила прво го попречија движењето на автобусот во населбата Ченто, а потоа со метални и други палки повредија осум малолетници што се враќале дома по завршувањето на училишните часови.