Полномоштва и тестаменти

Македонското Австралиско Добротворно Друштво од Сиднеј, во рамките на проектот за постарите лица во Македонската заедница (MACIHAP-Macedonian Age Care Improvements and Healthy Aging Program), покарај другите програмски активности, продолжува со објавување на артикли во нашите ценети и реномирани македонски весници. На овој начин, би сакале, сите постари лица во македонската заедница, како и пошироката македонска заедница, редовно да бидат информирани на теми во врска со здравјето и службите за помош на постарите лица.

 

Во ова издание ќе зборуваме за Полномоштва и тестаменти.

Правењето на полномоштво е исто важно во планирањето на животот како што е и тестаментот. Многу луѓе подготвуваат тестамент но не даваат соодветна важност на полномоштвата, се додека не е предоцна. Назначувањето на ополномоштено лице дава легално право на тоа лице да делува во ваше име за време на вашиот живот.

Постојат два вида на полномоштво генерално полномоштво (Power of attorney) и долготрајно полномоштво (Enduring power of attorney).

Со генералното полномоштво може да поставите застапник да делува во ваше име во разни видови на ситуации како што се подолготрајно патување во земјава или надвор од неа, или кога не сте веќе способни да ги вршите своите работи, сами. На пример, ќе патувате во Македонија, на некое време и за тоа време може да назначите некое лице да се грижи за вашите сметки овде, или можете да назначите некое лице да ве застапува бидејќи имате здравствени проблеми, на пример, проблеми со движењето, за да ги плаќа вашите сметки во вашето име, со ваши пари. Доколку направите вакво полномоштво тоа не значи дека вие сте ја изгубиле контролата над вашите финансии. Вие само му давате право на овластеното лице да управува со вашите финансии според ваши инструкции. Овој вид на овластување може да биде повлечено во секое време доколку имате способност/капацитет да го направите тоа. Генералното полномоштво се однесува само на имот и финансиски работи и не дава право на ополномоштеното лице да донесува одлуки за вашиот начин на живеење или медицинскиот третман. Овие одлуки се покриени со долотрајното полномоштво.

Долготрајното полномоштво стапува во сила само кога веќе не сте во состојба да се грижите за својот начин на живот и не можете да правите лични и животни одлуки, како на пример при деменција, некој вид на ментална болест, кома или др. За да овластите некого за долготрајно застапништво морате да сте во состојба да разберете што правите, односно да не сте го изгубиле вашиот капацитет за одлучување. Особата има ваков капацитет/моќ за одлучување доколку таа ги разбира информациите и можностите кои се прикажани, ги разгледува информациите за да направи одлука и потоа ја презентира одлуката. Особата која не може да го прати овој процес се вели дека има недоволен капацитет/моќ за одлучување.

Особата што би ја избрале да ја овластите за било кое од овие полномоштва треба да биде над 18 години, која е способна и сака да делува во ваше име. Треба да изберете некоја особа на која и верувате дека ќе ги застапува вашите интереси и погледи како и дека ќе ги исполни вашите желби. Ако имате некои сфаќања, погледи за некои псосебни здравствени или правни ситуации, запишете ги. Замолете ги вашиот доктор или адвокат да ви помогнат. За овие работи добро е да разговарате со вашите роднини. Дајте им копии од вашите желби идирективи, за после тоа да не дојде до конфликтни ситуации.

Тестаментот е правен документ во кој јасно се изразени вашите желби околу распределбата на вашиот имот после вашата смрт. Доколку не оставите тестамент вашиот имот ќе биде процентуално поделен меѓу вашите роднини, без разлика на вашите желби. При правењето на тестаментот, многу е важно да бидат задоволени одредени правни критериуми. Доколку овие критериуми не се задоволени, вашиот тестамент нема да биде полноважен и вашиот имот ќе биде расподелен по предодредена формула, а не по ваша желба. За таа цел препорачливо е овој документ да биде направен кај професионално лице (адвокат) или кај професионални организации како што е одделот за ополномоштвување и старателство на НЈВ (НСЊ Трустее анд Гуардиан). Доколку сакате самите да го направите тестаментот ризикувате да направите некоја грешка поради која вашиот тестамент ќе биде прогласен за неважечки. Препорачливо е тестаментот повторно да се разгледува секои 5 години или доколку се појават нови околности како што се: брак, развод или разделба, имање деца или внуци, развод на вашите деца, смрт на партнерот, купување и продавање на имот и други.

За повеќе информации контактирајте го вашиот адвокат или одделот за ополномоштување и старателство на НЈВ (NSW Trustee and Guardian) на телефон 1300 364 103.

Информациите користени во текстот се превземени од ресурсите и интернет страницата на одделот за ополномоштување и старателство на НЈВ (NSW Trustee and Guardian).

Лихнида Бахчанџиева – Тасеска

Project Officer – MACIHAP (Macedonian Age Care Improvements and Healthy Aging Program)

Останати вести