Порака во шише патувала 108 години

Порака испратена од Велика Британија во шише е пронајдена на една плажа во Германија, откако патувала 108 години.

Специјално дизајнираното и добро запечатено шише, со порака во него, било испратено од Британецот Џорџ Паркер Бидер, на почетокот од 20 век, а го откриле брачниот пар Винклер, на една плажа на островот Амрум, каде жената и мажот биле на одмор. Маријане Винклер која е пензиониран поштарски службеник, им признала на медиумите дека шишето било најдено уште во април годинава, но таа и сопругот решиле дури сега да им го пријават пронајдокот на весниците.
На свитканата порака со големи букви пишувало-скршете го шишето- но тие долго време се обидувале да ја извлечат пораката, без да го исполнат барањето на испраќачот, но кога не успеале- го направиле она што им било сугерирано. Во шишето нашле поштенска картичка, без датум, но со порака-пронаѓачот да ја испрати содржината од шишето на Поморско-биолошката асоцијација во Плимут, Јужна Англија во брегот од Ламанш. Кога луѓето во Асоцијацијата неодамна го примиле писмото од Германија, останале вчудоневидени од пратката. Шишето е фрлено во водите на Северно Море меѓу 1904 и 1906 година и тоа е едно од вкупно 1020 шишиња што биле испратени за научни потреби.
Џорџ Паркер Бидер, кој ја формирал асоцијацијата во почетокот од 20 век, настојувал со фрлањето шишиња во море, да го утврди движењето на струите во длабоко море. Пораките во шишињата биле напишани на англиски, германски и холандски јазик. Неговите наследници велат дека најголемиот број од шишињата биле најдени по релативно кусо време, од неколку месеци и дека ова најдено во Германија по повеќе од еден век, веројатно е едно од последните. Досегашниот рекорд за откривање шише со порака, во море, изнесуваше 99 години и 43 денови. Било испратено во 1914 година, а го нашле рибари, заглавено во рибарските вреќи во 2013 година.

Останати вести