ВЕСЕЛО, РАЗИГРАНО, РАСПЕАНО.. .
Во саботата навечер во православниот храм на црквата Света Злата Мегленска во Хоперс Кросинг се одржа традиционалниот годишен бал во чест на патрониот празник на истоимената светица.
Најпрвин, свештеникот Глигур Киселинов одржа богослужба посветена на светицата Злата Мегленска, а потоа во црковната сала се приреди и традиционалниот бал на кој присуствуваа околу 150 верници од Хоперс Кросинг, Вереби, Алтона, Сент Албанс и другите околни места од западниот дел на Мелбурн.
Гостите го забавуваше музичката група Експрес Ентертаинмент од Мелбурн (Том, Гоце, Ник и Вас) кои ја надополнија вечерта со богата музичка програма.
За вечерата и другата храна што беше сервирана се погрижи кетерингот на Молика и Злате, а Јорданка и Симе на сите присутни им сервираа македонски тулумби.
Имаше и богата лотарија, како и традиционалното фрлање на паричка.
Традиционалниот бал помина во убава атмосфера, со песна, игри и ора се до еден часот по полнок. Тоа беше и дружење на македонските верници, кои си посакаа среќа, успех и повторно да се сретнат на следниот бал.
Текст и фото: Трајче Бошковски
13 Aug 2024