Минатава сабота во ресторанот Охрид во Томастаун се одржа традиционалниот Прилепски бал на социјалното друштво “Ченто” од Мелбурн.
Ресторанот Охрид, кој е уникатен во Австралија, дава можност да се долови атмосферата, вкусот и ликот на Македонија. Вечерта домаќините се потрудија сите гости да се чувстуваат пријатно и да уживаат во специјалитетите и пријатната музика. На овој бал меѓу присутните беше забележана и конзулката на Македонија, Бети Коруновска. Денот на народното востание на македонскиот народ, познат и само како 11 Октомври, таа го прослави заедно со прилепчани.
Да се присетиме, по фашистичката агресија и окупацијата во 1941 година, Македонија повторно е поделена, овојпат меѓу италијанскиот и бугарскиот окупатор. Прилепскиот партизански одред „Гоце Делчев” го започнал ослободувањето на Македонија во Прилеп токму на 11 октомври 1941 година. Во нападот учествувале 16 партизани, распределени во три групи. Првата го напаѓа бугарскиот полициски участок, втората – затворот, а третата имала задача да ги прекине телефонските врски и електричната инсталација.
Помеѓу партизаните немало загинати, а бил убиен еден стражар од участокот во Прилеп, од страна на храбриот борец Душко Наумоски. До крајот на втората светска војна Македонија самата се ослободува без ничија помош и ги создава темелите на денешната Република Македонија, која после референдумот во 1991 година прогласи независност од Југославија.
13 Oct 2024