Дали разводот на Руперт Мардок ќе чини милијарда долари

Мардок и неговата сопруга, со која бил во брак 14 години, во средата се појавија пред судот во Њујорк за да ја формализираат спогодбата

 

Разводот на медиумскиот магнат Руперт Мардок од неговата сопруга Венди Денг Мардок речиси е конечен, а тие двајцата се близу до спогодбено решение по тоа прашање, навела неименувана личност, запозната со ситуацијата.

Мардок и неговата сопруга, со која бил во брак 14 години, во средата се појавиле пред судот во Њујорк за да ја формализираат спогодбата, а разводот нема да доведе до промена на плановите за наследство на двете медиумски компании (21st Century Fox и News Corp) кои ги контролира 82-годишниот Мардок, преку групација на поврзани семејни фирми.

Од таа групација имаат корист децата на Мардок од неговите претходни бракови: Пруденс, Елизабет, Локлан и Џејмс, а сите освен Пруденс по смртта на Мардок ќе имаат еднакво право на одлучување за речиси 38 отсто гласови што ги има семејството Мардок во двете компанија.

Според процената на магазинот „Форбс”, богатството на семејството Мардок во септември изнесувало 13,4 милијарди долари. Во Австралија тој е сопственик на најтиражните весници и има свој удел во “Фокстел”.

Венди Денг Мардок (44) нема удел во сопственоста, а нејзините две деца со Мардок се сопственици на 8,7 милиони акции без право на одлучување, издвоени во посебна семејна деловна групација.

Спогодбата за развод во најголема мера е заснована на предбрачниот договор и двете „постбрачни” спогодби, со кои е коригирана предбрачната спогодба, навела неименуваната личност, запозната со случајот.

Според оцената на таа личност, не е веројатно дека овој развод на Мардок ќе ја достигне финансиската вредност на неговата претходна спогодба за развод со неговата втора жена Ана Торв. Спогодбата за развод со Ана Торв, наводно го чинела Мардок 1,7 милијарди долари.

Останати вести