Има ли навистина шема во мобилизирањето на “тепачите” и насилствата со меѓуетнички тригер?
Тепачката на скопското Кале се случи во февруари 2011 (изборите беа на 5 јуни 2011), а вандализирањето на споменикот на цар Душан беше во декември 2013 (изборите беа во април 2014)
Национализмот е најевтината карта на која политичарите играат во пресрет на секои избори, коментираат аналитичарите по меѓуетничките инциденти кои се случија изминатите денови. По нападите врз Албанци на плоштадот Македонија во Скопје, па потоа и на Македонци во близина на трговскиот центар Мавровка, во јавноста се појавија критики дека меѓуетничките инциденти се случуваат секогаш кога во земјата има некаква политички криза или во пресрет на избори.
Познатиот југословенски писател Данило Киш во својот есеј „За национализмот” вели дека национализмот пред сè е параноја. Александар Цветкоски од невладината АГТИС од Прилеп вели дека токму политиката ја стимулира таа параноја. Тој потсетува дека во изминатите години националистичката реторика и меѓуетничките инциденти се засилувале секогаш кога се приближуваат избори.
„Ние сме параноични со самото тоа што немаме никаков развиен систем на самоидентификација на луѓето и им остануваат само неколку оски. Инаку, рекле дека патриотизмот е последното скривалиште на неранимајковците и обично луѓето кои немаат ништо друго, кои не можат ништо позитивно за себе да кажат обично се занимаваат со такви работи. Тоа политиката мошне го стимулира, тоа го видовме во овие неколку години дека мошне силно е стимулиран национализмот. Дури и кога го нема, дури и кога луѓето не сакаат да влезат во таа шема, тие наоѓаат начин да го стимулираат тој национализам”, вели Цветкоски.
Тепачката на скопското Кале, тепачките низ градските автобуси во главниот град, па дури и оштетувањето автомобили и палењето автобус во пресрет на локалните избори во 2013 година се само дел од меѓуетничките инциденти кои се случуваа, па стивнуваа во изминатите години. Дел од експертите и невладиниот сектор со години предупредуваат дека и покрај милионските кампањи за меѓуетничка толеранција, токму власта е таа која ги влошува меѓуетничките односи по потреба. (“Слободна Европа”)