Сергија Секулоски, македонски активист од Волонгонг

Сергија е роден 1933 година во село Волино, во многу сиромашно семејство. Основно училиште завршил во родното село, мала матура во Белчишта, а за да го продолжи школувањето, тој на млади години ќе отпатува во Белград. Таму, во тогашната југо-престолнина, ќе одработи десетина години како градежен работник и ќе се збогати со национално, патриотско чувство.

По враќањето во Волино, Сергија неможејќи да го поднесе туторството на селските власти ќе застане во одбрана на своите соселани. За прв пат тој ќе биде притворен од општинските власти во 1952 година при организирање на верски василичарски прослави. Потоа ќе следува притворање поради отпорот кон насилно спроведената меринизација на селското сточарство. Сергија ќе ги организира младинците за враќање на насилно узурпираните младински дом и селско земјиште, одземени од Земјоделскиот комбинат „Струшко Поле” поради ликвидација на Земјоделската задруга „Победа” од село Волино, без да се осудат сторителите на тој криминален акт.

Сергија на 17-ти септември 1966 година ќе им рече збогум на своето родно Волино, Охрид и Македонија и ќе се досели во гратчето Грингила, во Австралија. Разделбата со Македонија и со најмилите роднини и пријатели, поготово со сопругата Даница Кајмакоска ќе ја доживее мошне трогателно.

По доаѓањето во Австралија, Сергија ќе се вработи во најголемата австралиска ливница „Стилворк” во Порт Кембла, каде ќе остане се до неговото пензионирање. Неговиот дух нема да остане мирен ни во оваа нова земја. Најпрво во 1968 година ќе се зачлени во Либералната партија, на која 1981 година ќе и оснива нејзина подружница во населбата Конистон, потоа тој ќе се вклучи во црковниот живот на црквата „Свети Димитрија Солунски” во Волонгонг во 1972 година, во која ќе има чест да биде избиран во нејзиниот одбор: за секретар осум години, за претседател една година и за потпретседател четири години. Ваквиве раководни места во оваа црковна општина не можеше секој да ги добие, зашто избраните членови во одборот земаа заклетва за чесно работење со бакнување на кама и пиштол поставени на библиска книга. Како почитуван Сергија ќе биде делегиран за учесник на Црковнта конференција која се одржа во 1983-та година во црквата „Св. Ѓорѓи” во Мелбурн. Вредно е да напоменеме дека Сергија ќе биде иницијатор за отворање на првото македонско училиште во населбата Грингила во 1972 година, додека во 1973 година ќе биде организатор за фрлање на светиот крст во морските води на Богојавленскиот празник во Волонгонг.

Во 1979 година Сергија ќе го формира друштвото „Охридски јубилеј”, кое пет години ќе ги одржува прославите посветени на ослободувањето на градот Охрид – 7-ми ноември. Идејата на Сергија за збратимување на Волонгонг со Охрид беше остварена на 7-ми ноември 1981 година.

Поради организацијата на културните настани и членството во Либералната партија, на 15-ти декември 1980 година на Сергија широко ќе му ги отворат вратите во премиерскиот кабинет во Канбера, кој на тогашниот премиер на Австралија Малколм Фрајзер ќе му подари резбана кутија со македонски релјефи. Сергија ќе настапи со свое излагање и на Конференцијата одржана во Хрватскиот клуб во Панчбол, Сиднеј, во 1989 година, против одлуката на австралиската влада која му издаде виза на злогласниот четнички водач Војислав Шешељ за влез во Австралија. Во 1980 година тој ќе се зачлени во Ф.К „Грингилски лавови” и со управата ќе оргинизираат Грингилско средсело, кое традиционално ќе се одржува за време на сите поважни верски празници. Многу е важно да се забележи дека тој со група Македонци ќе ја регистрираат добиената парцела во месноста Порт Кембла Гренч за Македонско гробиште. Тој, преку братучед му Спасе ќе соработува и со најпознатиот македонски дисидент Драган Богдановски, на кого за регистрирање на партијата ВМРО-ДПМНЕ ќе му испрати завидна парична сума. Исто така тој ќе биде избран во управата на оснивачкиот задграничен одбор на ВМРО-ДПМНЕ за Нов Јужен Велс во 1991 година.

Сергија како Македонец и патриот е мошне познат во македонската заедница ширум Австралија. Не се знае точниот број на оние на кои им подал рака да престојуваат во неговиот дом, на оние кои ги вработил во ливницата во „Стилворк” и на оние кои ги испратил на работа во рудниците во Западна Австралија.
Последите години од својот живот Сергија ги минува во својот дом, придружен од неговото семејство: сопругата Даница, синовите Самоил и Јане, снаите Даниела и Џеки и внучињата Анстасија, Моника, Викторија, Џемс и Шанел.

Останати вести