Бугарскиот Национален историски музеј демонстративно се повлече од изложбата “Идентитетот и меморијата на Балканот во 19. век“ во Белград (отворена на 9 септември) поради револт за тоа како биле дефинирани Гоце Делчев и знамето на Крушевската република од страна на Музеите на Македонија.
Се работи за “патувачка“ изложба која е замислена како спојување на мислите и поривите на балканските народи во деветнаесеттиот век и треба да се организира во сите главни градови на Балканот. Таа е под покровителство на УНЕСКО и веќе беше прикажана во Љубљана. Во Скопје би требало да се организира во 2014 година.
Повлекувањето од изложбата на Национлниот историски музеј од Софија било во договор со бугарската Влада.
– Како претставник на бугарската извршна власт сметам дека секое виткање пред најмалата манифестација на најблаго речено, историска неделикатност и лага, не треба да се толерира и против неа треба да се бориме на соодветен, цивилизиран, но многу јасен начин, изјави за Бугарската национална телевизија министерот за култура Петар Стојановиќ по повод скандалот со изложбата во Белград.
Вечниот “контраш“ кога се работи за Македонија – Божидар Димитров, за бугарските медиуми вака го објасни категоричното повлекување од излобата во Белград:
– Уште кога беше готов каталогот видовме дека Гоце Делчев е претставен исклучиво како македонски револуционер, уште и е прогласен за лидер на ВМРО, организација основана 16 години по неговата смрт. Ние веднаш реагиравме до организаторот и ни беше ветено дека забелешките ќе бидат уважени. Но на крајот испадна дека не е така. Затоа не смеевме да премолчиме. Очигледно името на организацијата на која е лидер Гоце Делчев – Тајна македонско-одринска револуционерна организација – не е погодно за Скопје, бидејќи дефиницијата “Одринска“ покажува дека тоа е организација на Бугарите во Отоманската империја.
Неприфатлив од историска гледна точка беше и текстот под знамето на т.н. Крушевска република од 1903 година. Текстот на знамето е на чист литературен бугарски јазик и гласи „Крушевска революционна чета. Свобода или смърт”. Во текстот на каталогот е напишано дека натписот и на манифестот на востаниците е на македонски јазик, кој, како што е познато, како писмена норма е создаден 40 години подоцна, вели професорот Димитров, инаку директор на НИМ во Софија.
Toj категоричен дека повеќе нема да учествуваат во оваа “патувачка“ изложба под покровителство на УНЕСКО ( а ја “полнат“ националните музеи на балканските држави), па дури и дека нема да ја прими во Софија.
Регионалното биро на УНЕСКО во Венеција ги уважи барањата на Бугарија и побара во Белград а и во иднина да бидат покриени легендите, вклучувајќи ги и тие на англиски јазик, кои се однесуваат на Гоце Делчев и Знамето на Крушевската република, на патувачките изложби “Идентитет и меморија на Балканот во XIX век“. Запира и продажбата на каталогот на изложбата. Истовремено, во дописот од Венеција до организаторот на изложбата во Белград се нуди да бидат земени во предвид текстовите на проф Марија Тодорова, научен советник на изложбата, во кои Гоце Делчев е претставен така како инсистираат историчарите од НИМ – како шеф на Бугарските македонско-одрински револуционерни комитети.
Дали има некоја врска или не, но моментно прв човек на УНЕСКО (додуша во заминување) е г-ѓата Ирина Бокова од Бугарија.
Во Македонија досега нема никакви реакции на ова тема. Од страна на српкиот Музеј било речено дека легендите се поставиле по инсистирање на македонската страна.