Според последните извештаи базирани на документите на Сноуден, американските разузнавачки агенции ги користат австралиските амбасади во Азија за да пресретнуваат податоци и да собираат информации од континентот, пренесе „Раша тудеј”. Единиците за собирање податоци оперираат во амбасадите во Џакарта, Бангкок, Ханој, Пекинг и Дили. Исто така единици има и во Kуала Лумпур, најнаселениот град во Малезија, а и во Папуа Нова Гвинеја.
Австралискиот директорат за сигнали, кој спаѓа под Агенцијата за одбрана, ги врши мисиите на набљудување, а според „Сиднеј морнинг хералд”, поголемиот дел австралиски дипломати не знаат за тие активности. „Пет очи” е сојуз за разузнавачка соработка, во кој се вклучени САД, Велика Британија, Kанада, Австралија и Нов Зеланд.
– Опремата е мала во однос на вработените што оперираат со неа. Тие се прикриени и нивната вистинска мисија не им е позната на поголемиот дел дипломати во објектот каде што работат – стои во документот чие кодирано име е „Стејтрум”, а кој го објави германскиот неделник „Шпигел”.
Австралискиот оддел за надворешни работи одби да коментира за приказната, велејќи дека е спротивно на владината политика да се зборува за разузнавачките активности. Во документот на НСА исто така стои дека разузнавачките мисии се тајни и оти антените во центрите понекогаш се скриени. Единицата во Џакарта е оценета како жариште за информации.
УПАДИ ВО „ЈАХУ” И ВО „ГУГЛ”
Во меѓувреме, американскиот весник „Вашингтон пост” објави дека НСА тајно упаѓала и во клучните комуникациски врски меѓу центрите со податоци на „Јаху” и „Гугл” низ светот. Повикувајќи се на документите на Сноуден, весникот пишува дека агенцијата собирала податоци од сметките на стотици милиони корисници, вклучувајќи ги и тие од САД. Во текстот се истакнува дека програмата наречена „Мускулар”, која ја водат НСА и британскиот Владин штаб за информации, им овозможува на агенциите да пресретнуваат податоци од фибер оптичките кабли, кои ги користат интернет-гигантите. „Пост” објави дека документите покажуваат оти местото каде што НСА упаѓала во комуникациите е надвор од САД и оти тајниот пристап на агенцијата ~ бил обезбеден од неименуван провајдер.
13 Aug 2024