1.
Дознаваме дека новиот амбасадор на Македонија Веле Трпевски веќе пристигнал во Канбера. Тој тргнал со летот од Македонија за Австралија во средата. Му посакуваме добредојде и брза аклиматизација, бидејќи го чека работа после безмалку две години отсуство на амбасадор.
2.
Во понеделник, на 4 ноември, ќе се одржи ексклузивна хуманитарна вечер во центарот на Мелбурн во Arts Centre, ANZ Pavillion Room. Целиот приход од овој настан ќе биде за “Домот за доенчиња и мали деца” – средства наменети за напуштени деца и сираци што живеат во Битола.
Организаторите од женската група “Штикла” со оваа хумана и корисна идеја заслужуваат поддршка. За повеќе информации можете да ги контактирате Жанета 0405 149 614; др. Сузана 0421 645 000 и Снежана 0400 415 475
3.
Минатава недела имав неколку интересни контакти со читатели кои дошле во Мелбурн дури од Сиднеј – верувале дека токму минатиов викенд ќе биде Македонскиот Фестивал на Храната. Беа разочарани што го промашиле месецот. Но да не се секираат, од сега започнува одбројувањето за оваа убава манифестација која минатата година ги собра на едно место во огромен број Македонците во Викторија.
Со надеж дека времето ќе биде сончево, сите ќе можеме да уживаме во убавата храна, музика и дружење на прекрасната локација во Вилијамстаун.
Запишете во вашиот календар, недела, на 27 октомври 2013 од 10:00 до 18:00 часот во Вилијамстаун.
види стр. 42
4.
Грчката полиција го уапси лидерот на грчката фашистичката партија “Златна зора”, Николаос Михалолиакос, кој е приведен под обвинение за формирање криминална организација.
Наредби за апсење се издадени по уште петмина пратеници на “Златна зора”, а нив ги бара единицата за борба со тероризмот.
Строгите мерки се преземаат по убиството на левичарскиот активист и рапер од член на “Златна зора”, што ги разбуди духовите во Грција.Се надеваме дека ова е нова страница на јужниот сосед и придвижување до нормалните текови.
5.
Билборди со ликот на Индиецот Субрата Рој се поставени низ Скопје. На нив се претставува како човек што ја креира или прави историјата, и со порака за мир, се најавува неговото доаѓање на мировните хепенинзи што ги најави “Сахара груп”. Некои зли јазици лаат дека нарачател на билбордите е некој висок политичар на Република Македонија.
Ние во тоа не веруваме и се уште со нетрпение чекаме да ја видиме инвестицијата што се најавува цела година.
Во меѓувреме наместо инвестиција и надеж за вработување, сега приказната видно се менува дека ни доаѓал миротворец на Балканот.
02 Dec 2024