Tри медали за Македонија на Светската олимпијада по физика во Иран,најдобар резултат по 28 години учество!

Сребрен медал и два бронзени медали (и една пофалница) освоија средношколците што ја претставуваа Македонија на престижната 54. Меѓународна олимпијада по физика, што се одржа во Исфахан, Иран.

Јан Стојановски, ученик во четврта година во ПСУ „Јахја Кемал“- Скопје за прв пат на Македонија и донесе сребрен медал од оваа олимпијада, само една недела по освојувањето на златниот медал на 8. Европска oлимпијада по физика.

Од Друштвото на физичарите (ДФРМ) објаснуваат дека ова е најголемиот успех од почетокот на учеството на учениците од Македонија на оваа олимпијада во 1996 година.

Со бронзени медали се закитија Емилија Николовска, ученичка во четврта година во Математичкоинформатичка гимназија – Скопје и Андреј Стојановски, ученик во трета година во „Јахја Кемал“- Скопје.

Награда за успешно учество освои Матеа Митревска, ученичка во трета година во „Јахја Кемал“ – Скопје. На олимпијадата успешно учество имаше и Дамјан Стојанов, ученик во трета година во „Јахја Кемал“- Скопје.

Водачи на тимот беа: проф. д-р Ламбе Барандовски, вонреден професор на ПМФ во Скопје и претседател на ДФРМ и Војо Митревски апсолвент на Институтот за физика при ПМФ во Скопје и поранешен олимпиец.

На Олимпијадата во Иран учествуваа 197 ученици од 46 држави.

ДФРМ упати најискрени честитки за целата македонска екипа на оваа олимпијада.

– Цврсто веруваме дека успесите од оваа олимпијада, како и успесите кои оваа година нашите таленти ги имаа на 8. Европската олимпијада по физика и 6. Балканска олимпијада по физика, се успеси со кои Македонија треба да се гордее. ДФРМ им се заблагодарува на Институтот за физика и на ПМФ за помошта при подготовката на тимот и отстапувањето на простор и опрема за време на подготовките на тимот. Исто така се заблагодаруваме на родителите на учениците, кои го презедоа најголемиот дел од финанскиот товар за учество на тимот на оваа олимпијада. На сите наши олимпијци им посакуваме уште многу академски достигнувања и успеси насекаде по светот! Радувај се Македонијо! – велат од ДФРМ.

Останати вести