“Владиката Тимотеј може слободно да се каже дека е поглавар на една расолничка парацрковна организација. Ова го кажувам и го потврдувам бидејќи Игор Аврамовски Александров е организаторот на таа расколничка парацрковна организација наспроти МПЦ во Австралија, а сега и пошироко”, изјави во понеделникот владиката Петар за Сител.
Оваа изјава на г. Петар, митрополит Преспанско-пелагониски и администратор на Австралиско-новозеландската епархија (која со одлука на Синодот од декемвеи 2012 е поделена на два дела) следува по изјавата на владиката Тимотеј, митрополит Дебарско-кичевски (и администраторна вториот дел од Австралиската епархија) кој, испорвоциран со екскомуницирањето на Аврамовски од страна на владиката Петар, рече дека никој нема право да се меша во туѓи ингеренции. Имено, минатиот мсец Епархиски суд на владиката Петар донел одлука за изопштување од МПЦ на Аврамовски, кој делува во рамите на црквите под надлежност на владиката Тимотеј. Ако Аврамовски не ја почитува оваа пресуда, најавено е и негово анатемисување.
“Ама не може да се користат црковните канони за лични пресметки. Тоа значи дека не може владика што е надлежен за една епархија да екскомуницира (исклучи од православната црква) верници од друга епархија. Во црквата не може секој да прави она што ќе му падне на ум. Но, да почекаме Синодот за ова да расправа”, изјави деновиве владиката Тимотеј.
Игор Аврамовски Александров упати барање до Синодот на Македонската Православна Црква на првата седница во септември да ја разгледа одлуката на владиката Петар. Според Александров, оваа одлука може да го стави во прашање решението на долгогодишниот спор во Австралиско-новозеландската епархија.
Имено, во мај годинава Здружението на македонските црковни заедници во Австралија и владиката Тимотеј постигнаа договор за статутот на новата македонска православна епархија во Австралија, составена од 11 црковни општини кои се во отворен судир со владиката Петар.
“Во тек е разгледување на нацрт-статутот во општините и јас треба деновиве да закажам собрание на делегатите од тие општини за негово усвојување”, вели Аврамовски во писмото со кое бара Синодот на МПЦ да одговори дали се согласува со одлуката на владиката Петар.
Александров додава дека тројцата членови на Епархискиот суд на г. Петар, кои одлучувале за неговата екскомуникација од православната црква, се законски сопственици на храмови во Австралија, што е спротивно на уставот на МПЦ. А непочитување на уставот е еднакво на раскол, вели Александров.
Одлуката за бришење на Игор Аврамовски од списокот на верници на МПЦ предизвика лавина од реакции во Австралија, повторно се разгоре епистуларната битка помеѓу поддржувачите на владиката Петар и неговите противници. Наспроти оние кои застанаа зад одлуката на г. Петар, од другиот табор се бара него САС на МПЦ да го повлече и пензионира, слично како што се случи своевремено со европскиот владика Горазд.
02 Dec 2024