За разлика од претходните избори во последниве 20 години, овојпат уште пред да започнат да се бројат дадените гласови се зборуваше за пораз на владејачката гарнитура предводена од Кевин Рад. За изборна победа беа потребни 76 места во Парламентот, а гласачките места се затворија во 18:00 часот. Еден од најпознатите лидери на Лабуристите и човекот што го создаде Медикер, Боб Хоук, кој зборуваше дека партијата ги има загубено своите корени и не е во тек со времето, побара да се врати кон своите исконски вредности и за време на својата улога како опозиција да започне да заздравува од неединството и внатрешните подметнувања.
Во наредниве недели сигурно ќе се отвори и темата колку беше мудар потегот да се смени Џулија Гилард, и дали воопшто тоа и помогна на партијата која по шест години на власт се враќа во опозиција со страшен пораз. Лабуристичката партија на овие избори освои најмал процент на гласови во изминативе 100 години.
Поранешниот прајминистер Кевин Рад, во својот говор во 21:35 го призна поразот и изјави дека ја прифаќа одлуката на нацијата и дека затоа Австралија е голема бидејќи можеме да имаме и најжестока дебата но на крајот од денот сите ние сме обединета нација во која се почитуваме. Исто така порача дека ќе го пречека Тони Абот и неговата фамилија во Кирибили, куќата на прајминистерот, со внимание и добредојде како што тој беше пречекан од Џон Хауард и неговата сопруга кога стана прајминистер.
Кевин Рад најави дека се повлекува од водството на партијата, потоа со изјави се надоврзаа повеќе пратеници од Лабуристичката партија кои сметаат дека би требало и целосно да го напушти парламентот за да може партијата да го започне процесот на заздравување.
Тони Абот во својот победнички говор се заблагодари на нацијата, горд што ја добил довербата да ја води нацијата како иден прајминистер и вети таа задача да ја извршува достојно, бидејќи народот е тој што ги бира лидерите и истиот народ знае да казни ако не се извршуваат задачите како што треба. На крајот тој порача дека Австралија е под нов менаџмент и повторно е отворена за бизнис. Ветувајќи посилна економија, запирање на бродовите со бегалци, укинување на јаглеродната такса во наредните три години.
Пред пет години кога беше избран за лидер на опозицијата никој не сметаше дека Абот ќе испадне најуспешниот лидер досега. Тој во својот мандат успеа да смени дури три прајминистри. На минатите избори иако имаше повеќе парламентарци од Лабуристичката влада тој одби да влезе во неповолен договор со независните пратеници.
По овој тежок пораз, Лабуристичката партија, која во својата 122 годишна историја има доживувано успеси и падови, најверојатно ќе се ослободи од Кевин Рад, кој и во својот говор со кој му честиташе на Тони Абот, одби да прифати дека неговото водење на партијата и постојаната дестабилизација ги ставиле Лабуристите во толку неповолна ситуација.
Во делот што се однесува на нашата македонска заедница, мило ни е да соопштиме дека и двете главни партии на своите изборни проспекти имаа упатство на чист македонски јазик за тоа како треба да се гласа. Во Либералниот памфлет меѓу 17 јазици јасно беше напишан MACEDONIAN. Додека во Лабуристичкиот немаше имиња на јазиците но и македонскиот јазик фигурираше. Сосема е јасно дека веќе нема да има проблем со нашиот јазик во мултикултурна Австралија.
13 Aug 2024