Торта без јајца

1.

Разврската на случајот со Перо Стојановски и Лидија Думбаловска има многу несакани последици. Се отвораат разни прашања и се бараат сериозни одговори за оваа афера.

Кој бил критериумот да се прати партиски човек за амбасадор без доволно знаење на англиски јазик? Вака ли се подобруваат дипломатските односи со Австралија, дали се праќа дипломат без ниту еден ден искуство во дипломатската професија што  требало да  ги претставува интересите на Република Македонија со држава во која имаме најголема емиграциона колонија во светот, држава со која треба да се зацврстат и прошират економските релации, држава од која се бара да не признае под уставното име.

 

2.

Да добиеш од  некоја држава 5000 хектари земја, на 15 години а да немаш трактори да ги изораш, тоа се вика џекпот.

Пародијата  Субрата Рој не престанува да не изненадува. Откако ги вратија позајмените трактори, а пари немаат   за да купат нови –   менаџментот на Сахара груп оделе по селата кај земјоделци што имаат поголеми трактори и друга земјоделска механизација, да ги ангажираат за да им ги изораат нивите?!

3.

“Репортери без граници” од Германија, ЦИВИЛ – Центар за слобода, НОСТ – Мрежа за известување за Источна Европа и БИРН – Балканската истражувачка репортерска мрежа сметаат дека држењето во притвор на Томислав Кежаровски е незаконско, непотребно и диспропорционално.

Апсењето е замислено со цел да го заплаши Кежаровски и другите македонски новинари и претставува грубо кршење на слободата на изразување.

4.

Уште еднаш ќе имаме искрварен нос и срамно виткање на кичмата како нација бидејќи Владата и советниците не си ја знаат работата.

Во македонската влада, сега за излагање од кашата се размислувало на Приштина да и се понуди на 15 септември Македонија да ја укине забраната што прва ја наметна за увоз на косовско брашно и таксите кои  почнаа да се наплаќаат за граѓаните и возилата од Косово, а за возврат Косово да ја укине актуелната забрана за производи од Македонија.

Вкупната размена меѓу Македонија и Косово во 2012 година изнесува 421 милиони долари, од кои 392 милиони отпаѓаат на извоз. Во осумте месеци од годинава, пак, размената изнесува 145 милиони долари, од кои 132 милиони извоз.

За Македонија косовскиот пазар е втор пазар по големина за извоз на производи, а прв по профитноста бидејќи скоро ништо од таму  не се увезува. Сега на пример, кога на пазарот нема до може  да извезува Алкалоид од Скопје прашок за перење, козметика и лекови таму ќе се најде замена, дали од Србија, Бугарија…

После сите компромиси и лажни шепурења знаете ли како се прави Грујо-торта? Исто како и Наполеон-торта, само без јајца!

Останати вести