Убиецот потоа побарал од полицијата да му дозволи да оди на погребот на брата си.
Тетовец го убил својот помал брат при семејна расправија во Тетово.
Братоубиството се случило само еден ден по смртта на нивната мајка, кога семејството го посетувале соседи и пријатели кои им изразувале сочувство. Во расправијата што настанала меѓу Аднан И. (53) и две години постариот Јусуф И., смртни повредени му биле нанесени на помалиот брат. Тој со нож бил прободен на неколку места во градниот кош. Повредениот Аднан И. (53), кој живеел на улицата „Караорман” од Тетово, во средата околу 13 часот бил донесен во Тетовската клиничка болница без знаци на живот. Десетина минути по настанот, во тетовската полиција се пријавил постариот брат Јусуф, кој изјавил дека тој го убил брата си. Појаснил дека со брат му започнале голема караница, која во еден момент излегла од контрола и тогаш посегнал по ножот и го избодел во градите. На улицата „Караорман” во Тетово, каде што живее семејството на браќата, владее вистински молк и неверување по убиството. Жителите се вознемирени и не веруваат дека семејната расправија можела да ескалира на овој начин. „Вчера им почина мајката на браќата. Тие се четворица браќа. Во текот на денешниот ден им доаѓаа роднини и пријатели да изразат сочувство за смртта на мајка им. Не знаеме што можело да се случи за да дојде до таква караница. Како соседи разбравме дека и минатата година, меѓу овие двајца браќа имало караница, но не до ваков степен. Се сретнав со сопругата на Јусуф. Ја прашав што се случило, а таа ми вели: ‘Комшија, што да ти кажам. Еден отиде во гроб, другиот во затвор’ “, изјави еден од соседите. Увид на местото на настанот извршија јавен обвинител и полициска екипа. Притоа, бил пронајден и ножот со кој бил избоден Аднан. Се работи на целосно расветлување на случајот. (“Утрински весник”)