Пред неколку сезони Престон Македонија беше клуб за кој се прашувавме дали ќе опстане, се бореше да не испадне од лигата и имаше голем финансиски товар со долгови.
Во изминативе неколку години, стрпливо со големи напори, управата на чело со Зоран Трајчевски успеа да го стабилизира клубот и оваа сезона на изненадување на сите тој да жнее успеси на сите нивоа.
Финасискиот долг од $200,000 е целосно исплатен и со тоа се стави крај на сите финансиски проблеми во клубот. Со напорна работа и со помош од сегашните членови на управата, исто како и од бившите управи, спонзори, навивачи, и целокупната македонска Заедница, беа собрани потребните стредства и во период од 2 години во целост е исплатен заостанатиот долг.
А по доаѓањето на новиот тренер Енди О’Дел тимот не знае за пораз и е во ситуација, на две кола пред крајот од сезоната, да одгледува надеж за промоција во Националната премиер лига на Викторија. Но да се присетиме дека екипата имаше само три бода од петте одиграни натпревари и беше претпоследна кога си замина минатиот тренер Јосип Бискиќ, за да го споредиме големиот успех.
За О”Дел ова сега би бил десетти успех во лигата како играч и како тренер, а за Престон Македонија ова е уште еден чекор кон неверојатниот препород кој ги воодушеви сите во македонската заедница и тој повторно започна да носи импресивна публика на теренот. На домашните средби веќе редовно доаѓаат над илјада гледачи за да ги бодрат Лавовите.
Екипата на Престон Македонија нема доживеано пораз во изминатите 15 натпревари. Остануваат уште средбата со Кило Парк во сабота, на 13 септември која се игра во гости, и последниот натпревар со Алтона Ист Феникс една недела потоа. Амбицијата за промоција ќе биде можна само доколку се заврши на првото место на табелата, а за тоа не смее да се дозволи никакво изненадување.
Вредната управа на клубот ги оствари сите предиспозиции за промоција со оформените јуниорски и женски тимови, а следната година ќе се постави и ново осветлување и подобрување на трибините, но останува сега првиот тим да го исполни сонот. Престон Македонија е легендарен клуб кој има долга историја и сите би сакале да го видиме таму каде што припаѓа, меѓу најдобрите во Викторија.
Во меѓувреме сите поранешни и сегашни симпатизери на клубот да излезат во што поголем број на овие последни натпревари и со нивна поддршка да заврши сезоната со упех и освојување на шампионската титула! Напред Македонија!
02 Dec 2024