Автентична поетсkа манифестација
Манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово”, која поради својата специфика се избори за епитетот најавтентична поетска манифестација, минатиот викенд на едно место собра многумина македонски литерати, сликари и вљубеници во поезијата.
Охридското село Велестово стана епицентар на поетската реч. Годинава манифестацијата беше посветена на творештвото на поетот, прозаист и критичар Веле Смилевски. За неговиот поетски опус беседеа Санде Стојчевски и Раде Силјан. Традиционално, освен поетскиот портрет, се одржа и ликовна изложба. Во изложбениот простор на старото училиште во Велестово со изложба на слики и графики со мотиви од Монголија ќе се престави Литов Намдагјанчивин, инаку почесниот конзул на Монголија во Македонија. Според директорот и основач на манифестацијата Славе Ѓорго Димоски, поезијата е единствениот чувар на јазиците кои се од мало говорно подрачје, особено во денешницата, во современието кога технологијата надвладува, како што рече „во период на контаминација на интернационален лексички дожд, особено од англискиот јазик”. – „Поетската ноќ во Велестово” претставува и една мала, но строга антологија на македонското поетско творештво и на македонското сликарство, во секое нејзино издание опфаќајќи творештво на еден поет и на еден сликар, класици на современата македонска поетска литература и македонската ликовна уметност – појасни Димоски.