Жаклина Михајлова: “Од по жица”, Македонско литературно друштво “Григор Прличев” – Сиднеј, 2013 година
Книгата “Од по жица” од Жаклина Михајлова е двојазично издание, во кое се содржани вкупно 33 песни објавени на англиски и македонски јазик и поделени во три циклуси: “Живот”, “На Македонија” и “Австралија – вечен непокор.”
Годинава, поетското небо во Македонија го обележа и оваа стихозбирка, првенче на авторката од Сиднеј, која инаку е познат активист, доброволно работи во македонската заедница од првиот ден кога стапна во Австралија.
Годинава Жаклина Михајлова е добитник на наградата “Иселеничка грамота” што ја доделува Матицата на иселеници на Македонија, за најдобра објавена книга од нашите иселеници во странство, токму за нејзината прва самостојна творечка објава – стихозбирката “Од по жица.”
Жири-комисијата во состав: Христо Петрески, Иван Чаповски, Ефтим Клетников, Вера Стојчевска – Антиќ и Елена Оровчанец – Спироска, за наградената книга “Од по жица” од Жаклина Михајлова констатира дека “таа се издвојува од останатата поетска продукција со својата заокруженост и целовитост, односно со тематско-мотивските содржини и применетите изразно-стилски постапки.”
Песните во збирката се едноставно напишани, за душа. Леснотијата со која Михајлова твори, всушност на површина го вади животот, секојдневната животна филозофија и стремеж, а тоа придонесува читателот да се поистовети со песните, па тие легнуваат на срце, како мелем на рана. Цел дијапазон на теми се проткајуваат низ збирката, песни посветени на најблиските, на другарките, песни кои мотивираат и инспирираат. Особено се силни и жестоки, на моменти, песните за Македонија и Македонецот, кои ја отсликуваат чистата љубов на авторката кон својата родна грутка. Со песните посветени на убавините на Австралија, Михајлова потврдува дека е автор со смисол за сликање и воочување на убавото во природата, на така суптилен поетски јазик, кој предизвикува желба за препрочитување и повторно навраќање на стиховите на поетесата.
Оваа стихозбирка, всушност е како водич за подигнување на чувстата, како дневна доза на позитивното размислување, своевиден прирачник како да се сака татковината, како потсетник за смислата на нашето постоење. Топло ви ја препорачувам, а истата може да се купи преку Македонското литературно друштво “Григор Прличев” – Сиднеј или преку Македонскиот Телефонски Именик – Mactel, каде што Жаклина Михајлова – Учителката е еден од уредниците.
Ние поетите, посебно од Австралија и пошироко во дијаспората, на авторката на ова изванредно дело и посакуваме во блиска иднина да не изненади со нешто ново и во нејзин препознатлив стил.