За МРТ ќе се наплатува

1.
Манастирот “Св. Климент Охридски” во Кинглејк после обновата официјално ќе се отвори во недела, на 8 декември 2013 година. Се предвидува на овој голем настан богата програма како што му доликува на ова култно место што беше уништено од големите пожари во 2009 година.

2.

За наредната година добиваме позитивни најави дека двата најтрофејни клубови во Викторија; Алтона Маџик Вардар и Престон Македонија се на добар пат на целосно финансиско заздравување и најпосле ќе може да се планира подолгорочно а не од месец за месец.
Големите долгови што ги имаа овие клубови се исчистени и во тек се акции за зајакнување и подмладување на екипите.
Управата на Престон Македонија во Оксфорд Лаунџ во Саут Јара приреди коктел за своите спонзори пред кои ги презентира овогодишните успеси во сите делови на клубот а исто така за прв пат беше претставен зацртаниот 5 годишен план за клубот.
Во Алтона Маџик Вардар исто така целосно се избришани долговите што се насобраа кога ненадејно се повлече Мелиса Фишер- главниот спонзор пред неколку години.

3.
Дознаваме дека во Австралија се наоѓа делегација од МРТ со двајца камермани, двајца историчари, директор на МРТ и претставници од Mинистерствaтa за култура и надворешни работи. Тие веќе имаат направено средби и снимаат автентични сведоштва од децата бегалци за документирање на настаните што се случиле за време на граѓанската војна во Грција.
Велат дека оваа акција е нарачана директно од Владата на Македонија за да се забележат последните автентични сведочења на децата бегалци, пред да исчезнат.

4.
Оваа недела е забележано исклучувањето на сателитскиот сигнал на МРТ и другите ТВ станици од Македонија, што се пренесуваа бесплатно преку сателит во Австралија. Се најавува дека отсега ќе треба коpисниците да се претплатуваат доколку сакаат да ги следат програмите.

 

Австралија го шпионирала индонезискиот претседател

Австралиските служби за безбедност ги прислушувале телефонските разговори на индонезискиот претседател Сусило Бамбанг Јудхојоно, јави австралиската телевизија Еј-Би-Си.
Документите, објавени од поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, покажуваат дека австралиските специјални служби повеќепати се обидувале да го прислушуваат мобилниот телефон на Јудхојоно и цели 15 дена во август 2009 година ги следеле неговите разговори.
Според документите, биле прислушувани и телефонските разговори на сопругата на Јудхојоно и на серија индонезиски владини функционери, меѓу кои и потпретседателот Боедионо.
Австралискиот премиер Тони Абот, одби да ги коментира ваквите обвинувања за разузнавачката активнoст и било што би можело да ги загрози интересите на земјата.
– Сите влади собираат информации и сите влади знаат дека секоја друга влада собира информации… Моја прва задача е да ја штитам Австралија и да ги поддржувам нашите национални интереси, изјави Абот.
Тврдењата за прислушување се однесуваат за периодот кога на власт во Австралија беа лабуристите на чело со Кевин Рад, а не конзервативците на Абот.
Откритијата може уште повеќе да ги затегнат односите меѓу Австралија и Индонезија, по претходните информации дека австралиската Амбасада во Џакарта била користена како дел од мрежата за шпионирање раководена од САД.
Индонезија како протест оваа недела го повлече амбасадорот од Канбера.

Останати вести