Се уште нема договор околу изборните закони
Спротивно на очекувањата и најавите за конечно постигнување договор на работните групи за спроведување на договореното од Пржино, последната средба на работните групи во врска со измените во Изборниот закон, заврши без успех.
По три часа преговори зад затворени врати, преговарачките тимови на четирите најголеми партии си заминаа без изјави за медиумите, како и во претходните денови. Беше речено дека ќе продолжат да преговараат околу деталите за клучните прашања: Избирачкиот список, составот и надлежноститие на ДИК и гласањето на дијаспората.
Она што неофицијално се дознава, а што го потврди и лидерот на СДСМ Зоран Заев, е дека партиите се многу блиску до решение околу прашањето за прочистување на Избирачкиот список, односно ново решение коешто ќе значи целосна нова регистрација и создавање на нов избирачки список со биометрискиот отисок.
Во однос пак на точката за составот и надлежностите на ДИК, на маса бил ставен предлог Комисијата да брои 9 члена и тоа тројца да бидат предложени од власта, тројца од опозицијата и тројца независни кои би се избирале во Собранието со двотретинско мнозинство. Независните членови ќе треба претходно да имаат подолго искуство во набљудување избори во странски земји. Неофицијално партиите ги приближиле ставовите за ова прашање.
Исто така рече дека се приближени ставовите за составот и надлежностите на ДИК. Тој нагласи дека СДСМ не е против гласањето на дијаспората, но дека нивниот предлог за изборниот модел ќе го реши прашањето на вредноста на гласовите на иселениците и изборот на пратениците.
Во однос на дијаспората Груевски нагласи дека клучно е таа да продолжи да има барем најмалку по еден пратеник од трите изборни единици.
– Не е поентата само тие да гласаат и нивните гласови да се разлеат во многуте гласови во Македонија и тие да немаат свој пратеник. Не е само прашањето дали ќе го задржат правото на глас, туку дали ќе имаат свој пратеник преку којшто ќе ги искажуваат своите ставови, предлози и проблеми. Тоа не смее да им се одземе, изјави Груевски.
Што или кој кочи?
СДСМ предлага Македонија да биде една изборна единица со пропорционален модел, кажа Заев без да прецизира дали се предлагаат и отворени гласачки листи.
Наспроти ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, изјави дека тој се залага за класичен мнозински систем на гласање, бидејќи, како што истакна, така до израз доаѓа и личноста на пратеникот, а не само партиската припадност.
– Ако веќе разговараме за промена на системот и ако сакаме да имаме некоја додадена вредност од оваа промена на системот, мислам дека воведувањето на мнозински систем на гласање е систем којшто може да биде нова додадена вредност, рече Груевски.
Инаку, предлогот на СДСМ го поздравија сите помали политички партии кои и претходно бараа пропорционален модел со една изборна единица и отворени гласачки листи.